Неколкумина граѓани кои по потпишувањето на договорот за името Република Северна Македонија на 17 јуни, периодично протестираат пред Собранието за време на најголемиот сообраќаен метеж, од вчера почнаа тоа да го прават од сабајле, за улицата „11 Октомври“ да биде затворена цел ден. 20-тина протестирачи имаат кворум за да ја блокираат широката улица и поради жешкото време денеска поставија три тенди на улицата.
Но, под тендите нема речиси никој. Неколкутемина граѓани што ги поставиле, а кои се повозрасни, поради високите температури се под сенките во паркот Жена борец. Во меѓувреме, поради блокадата на централната улица на Скопје, закочен е целиот сообраќај во градот. Најкритично е на крстосницата на мостот „Гоце Делчев“ кај Владата, на булеварот „Климент Охридски“, на улица „Мито Хаџивасилев-Јасмин и на крстосницата кај ТЦ Мавровка. На високи температури се чекаа во заглавени редици коли, движењето е многу бавно.
МВР засега не презема ништо за блокадите пред Собрание, бидејќи правото на мирен протест е загарантирано со Устав. Според Законот за јавните собири, под јавни собири на повеќе од 20 граѓани, се сметаат собирање на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички, економски, спортски или слични интереси на граѓаните, организирани заради јавно изразување на мислење или протест.
Демонстрантите против договорот со Грција очекуваат поголема масовност вечерва, кога треба да им се приклучат лидерите Солза Грчева, Јанко Бачев и Стевчо Јакимовски со партиското членство.
С. К. ДЕЛЕВСКА