Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани кажа дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство, но дека не го отфрлува целосно.
„Во неколку наврати јавно имам кажано дека тој предлог не се гледа со голем оптимизам во Брисел, меѓутоа не се отфрла целосно“, кажа Муртезани на прес-конференција по повод „100 дена Влада“.
На новинарско прашање за најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе се праќа писмо со идеи во ЕУ за решавање на ова прашање, Муртезани рече дека овие најави на премиерот се всушност изнаоѓање нови решенија кои што се во фаза на интерни разговори во Владата.
Министерот вели дека досега нема финален предлог, меѓутоа и да има таков, нема да се брзаат да го објават пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија.
За содржината на писмото што би било испратено до европските институции, Муртезани вели дека моментално не е разговарано за содржината или што точно ќе содржи.
Прашан дали некоја идеја може да биде без уставни измени, тој вели дека уставните измени не се од Бугарија, туку од 27 земји-членки на ЕУ и тоа, како што кажа тој, јасно е наведено и во заклучоците на Советот.
„Ние се обидуваме да го заштитиме процесот. И премерот во неколку наврати и Владата имаат споменато дека не е спорно ништо да се носат уставните измени“, вели тој.