БРИШКОВСКА БЕШЕ РАЗОЧАРАНА ШТО АНТОНИЈО, ИЛИЈА И ЈОХАН НЕ ПРЕДИЗВИКАА ИНЦИДЕНТ ВО СОБРАНИЕТО, НА ТРАЈКО МУ НАРЕДИ ДА СЕ ОТВОРАТ ВРАТИТЕ, СВЕДОЧИ НИНЏА ЗА СЛУЧУВАЊАТА ВО ШТАБОТ НА ВМРО-ДПМНЕ НА 27 АПРИЛ

    БРИШКОВСКА БЕШЕ РАЗОЧАРАНА ШТО АНТОНИЈО, ИЛИЈА И ЈОХАН НЕ ПРЕДИЗВИКАА ИНЦИДЕНТ ВО СОБРАНИЕТО, НА ТРАЈКО МУ НАРЕДИ ДА СЕ ОТВОРАТ ВРАТИТЕ, СВЕДОЧИ НИНЏА ЗА СЛУЧУВАЊАТА ВО ШТАБОТ НА ВМРО-ДПМНЕ НА 27 АПРИЛАлександар Василевски-Нинџа на денешното судење за организаторите на нападот во Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Во Кривичниот суд продолжи сведочењето на Александар Василевски-Нинџа на судењето за организаторите на нападот во Собранието на 27 април 2017. На обвинителната клупа се експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски, бившиот директор на УБК Владимир Атанасовски и поранешните министри Спире Ристовски и Миле Јанакиески. Екпремиерот Никола Груевски и поранешниот вработен во УБК Никола Бошкоски ќе бидат обвинети ако некогаш бидат достапни.

    „Дојдовме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, се паркиравме во катната гаража. Влегов, се качив на осмиот кат. Таму беа Митко Чавков, Кирил Божиновски, Спире Ристовски, Миле Јанакиески и Билјана Бришковска. Сите зборуваа на телефон, гледаа на телевизија што се случува пред Собрание“, сведочеше Нинџа, кој е неправосилно осуден за нападот во Собранието, како еден од учесниците во насилствата.

    Василевски кажа дека Чавков, кој тогаш беше директор на БЈБ, бил во тренерки и патики.

    „Тука се издаваа сите наредби. Чавков даде наредба на Митко Пешов полицијата да делува пасивно. Спире контактираше со Бетмен. Бришковска беше разочарана што Антонијо, Илија, Јохан не предизвикале инцидент во Собранието, не ја завршиле работата. Бришковска му даде насока на Трајко да се отворат вратите во Собранието. Грујевски ми кажа да одам на терен и да известувам. Атанасовски се симна со мене до гаража“, вели Нинџа, кој работел во единицата за следење во Петтата управа на МВР.

    Билјана Бришковска-Бошковски е поранешна заменичка министерка за правда. Обвинета е во „Титаник“ за изборни нерегуларности. Нејзиниот сопруг, поранешниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски, во декември беше неправосилно осуден на три години затвор за Злоупотреба на службената положба и овластувањата во предметот „Тарифа“.

    Нинџа кажа дека отишол пешки, а кај Триумфалната капија видел лица од службата под прикриена операција.

    „Дојде Никола Бошкоски со сребрен голф. Излезе Никола Митревски-Кољо, кажа хаос е внатре, луѓе тепаат пратеници. ‘Шефот на кабинет на Ѓорге Иванов, Борис Јосифовски, е на осми спрат. Во секој момент треба Иванов да прогласи воена состојба’. Тоа лично го чув кога Атанасовски му го јави на Бошковски”, сведочеше Нинџа.

    Борис Јосифовски е син на уставниот судија Јован Јосифовски.

    „Во Жена парк го видов Горан Грујевски. Седнав до него. Во еден момент видовме дека одеднаш почна да делува полицијата. ‘Ова не е на арно, друг ја презеде контролата. Под притисок на меѓународниот фактор, воена состојба нема да има’, ми кажа Грујевски. Ми рече пак да одам во штабот на ВМРО-ДПМНЕ да видам што се случува. Таму имаше членови и луѓе дојдени од цела Македонија, кои беа во Собранието. Пред нив повторно стоеја Кирил Божиновски и Спире Ристовски, овојпат ги инструираа да дигнат шатори пред Собранието“, продолжи со сведочењето Нинџа.

    Потоа Нинџа добил наредба да оди пред Собрание, кај Градска болница, на задача.

    „Таму ме чекаше Мартин Лазаров, син на сега осудениот Душко Лазаров. Дојде со Хонда сивик на УБК со темни стакла. Ме однесе кај Државна болница во прикриената база на УБК. Се отвори вратата, сега осудениот Сашо Марковски и Никола Бошкоски беа веќе таму. Марковски извади плава кеса внатре со два хард диска од Собранието. Бошкоски го праша Атанасовски што да прави со украдените хард дискови, тој им рече да ги уништат. На преса ги згмечија, па со ножици ги исекоа. Бошкоски ги фрли кај Керамидница во Вардар”.

    Си заминал Нинџа, тргнал накај дома. Приметил му го снемало мобилниот телефон. Бошкоски му рекол дека можеби го изгубил, а утредента му ги зел и другите два. Мобилните телефони на Нинџа никогаш не му биле вратени од УБК.

    Сведочењето на Нинџа продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира