БРЗАТА ПОМОШ ДОБИ 12 НОВИ ВОЗИЛА, СЛЕДАТ НОВИ ВРАБОТУВАЊА И ИЗГРАДБА НА КАТНИТЕ ГАРАЖИ ВО КЛИНИЧКИ

    БРЗАТА ПОМОШ ДОБИ 12 НОВИ ВОЗИЛА, СЛЕДАТ НОВИ ВРАБОТУВАЊА И ИЗГРАДБА НА КАТНИТЕ ГАРАЖИ ВО КЛИНИЧКИЗа набавка на новите амбулантни возила од планирани 500.000 евра биле заштедени 200.000 евра, а Министерството наскоро ќе каже дали со нив ќе се купуваат и други возила (Фото: СДК.МК)

    Итната медицинска помош во Скопје денес доби 6 нови амбулантни возила, од вкупно 12 кои ги набави Министерството за здравство. Останатите шест ќе бидат распоредени во Здравствените домови во Струга, Дебар, Кичево, Крушево, Крива Паланка и во Берово.

    Министерот за здравтво Венко Филипче рече дека Итната медицинска помош имала многу проблеми и дека еден од нив е малиот број на возила.

    „Со овие шест возила капацитетот се зголемува за точно 100 проценти. На постоечките 6 додаваме уште толку“, рече Филипче на промоцијата на новите амбулантни возила и додаде дека за Итната медицинска помош во Скопје засега се доволни, но при набавката заштедиле пари и ќе направат анализа дали треба дополнително да се купат и други.

    „Од оваа набавка останаа неискористени 200.000 евра, односно беа планирани 500.000 евра, а на јавната аукција паднаа на 300.000 евра. Ќе направиме анализа за краток период дали и каде во другите градови се потребни возила и ќе направиме проценка за набавка“, рече Филипче.

    Тој кажа дека Службата за Итна медицинска помош има сериозен недостаток на лекари и медицински сестри и дека набрзо ќе се распишат огласи за прием на нов кадар.

    „Во непосредниот период ќе се распишат огласите на младите лекари кои се лиценцирани, а кои се невработени согласно новата измена на Законот за здравствена заштита, со која секој лиценциран лекар  ќе добие платено згарантирано работно место од 6 месеци. На тој начин, значајно ќе се надополни оваа служба. Оваа служба има огоромен број на минато искуство. Одлично се покажаа за време на несреќата во Ласкарци, каде во рекордно време се појавија на терен, дадоа соодветна тријажа третман на пациентите и транспорт до соодветните институции. Јас верувам дека со ова зајакнување уште повеќе ќе даде подобри перформанси“, рече Филипче.

    Физибилити студијата за јавно-приватни партнерство на Службата за итна медицинска помош сѐ уште не е готова, а според министерот таа треба да покаже дали оваа идеја е добра или не.

    Тој кажа дека на денешната седница на Влада е ставена на дневен ред информацијата за јавно-приватно партнерство за изградба на 3 монтажни катни гаражи во кругот на скопските клиники, за да се растовари сообраќајниот метеж од паркирани возила и да се овозможи непречен пристап на возилата за Итна медицинска помош.

    Директорот на Здравствен дом Скопје Злате Мехмедовиќ кажа дека со новите возила и со новите вработувања кои ќе следат значајно ќе се зајакне службата, а дека се потребни 75 тимови од лекари и медицински персонал.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира