БУЏЕТОТ ЗА 2018 Е ПРВ ЧЕКОР КОН СТАБИЛИЗАЦИЈА И ВРАЌАЊЕ НА ПАРИТЕ КОН ГРАЃАНИТЕ, КАЖА ЗАЕВ

    БУЏЕТОТ ЗА 2018 Е ПРВ ЧЕКОР КОН СТАБИЛИЗАЦИЈА И ВРАЌАЊЕ НА ПАРИТЕ КОН ГРАЃАНИТЕ, КАЖА ЗАЕВ„Ќе се кратат непродуктивните трошоци, а за 5 отсто ќе се зголемат платите во здравството и образованието, за 10 отсто во одбраната“, рече премиерот Зоран Заев (Фото:М.Златевска)

    Буџетот за наредната година ќе биде со развојна компонента, прв чекор кон стабилизација на економијата и враќање на парите кон граѓаните, кажа премиерот Зоран Заев, кој денеска во Владата го презентираше предлог-буџетот за 2018 година.

    Буџетот за 2018 година ќе биде 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра, односно толку средства се планирани да се потрошат следната година, додека на приходната страна планирани се 193,5 милјарди денари или 3,14 милијарди евра. Растот на Бруто домашниот производ е проектиран за 3,2 отсто, а буџетскиот дефицит за 2,7 отсто.

    „Ќе се кратат непродуктивните трошоци, на пример 650 милиони денари ќе се пренаменат од програмата стоки и услуги. За сметка на непродуктивните трошења ќе се зголемат за 5 отсто платите во здравството и образованието, за 10 отсто во одбраната. Предлог-буџетот ќе обезбеди непречена исплата на плати, пензии, субвенции за земјоделците, помош на домашни и странски компании за секое отворено работно место, нови работни места. Повеќе пари ќе има за капитални инвестиции, патна инфраструктура и гасификација. Ќе рехабилитираме 750 километри патна мрежа и изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица. Ова е првиот сериозен исчекот кон стабилизација на земјава, односно да ја стабилизираме економијата и да ги натераме младите да останат во тука“, рече премиерот Зоран Заев.

    Со буџетот за наредната година година обезбедени се пари за реновирање на Офицерскиот дом во Битола, изградба на спомен обележје на Тоше Проески во Крушево, за гасификација како и за други мерки и проекти за справување со загадениот воздух.

    Премиерот Заев најави дека од први декември сите склучени договори ќе бидат јавни и со тоа ќе воведат транспарентност во работењето, но и заштеда на пари бидејќи нема да има место за корупција.

    „Од први декември секој склучен договор за јавна набавка пред да почне да се реализира ќе се објави на веб страната на институцијата или министерството. Увидовме дека при склучувањето на договорите постои голема можност за корупција, односно биле склучувани многу скапи договори. Со оваа мерка јавно објавување на договорите, ќе се заштедат десетици и десетици милиони евра“, рече Заев.

    Премиерот најави дека ја разгледуваат можност јавно да се објавува повратокот на ДДВ и наведе дека државата годишно по основ камати плаќа 140 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира