БУГАРИЈА ГО ПРЕКРШИ ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО, НЕ МОЖЕ ДА ИМА НАПРЕДОК АКО НÈ УЦЕНУВА, ВЕЛИ ДИМИТРОВ

    БУГАРИЈА ГО ПРЕКРШИ ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО, НЕ МОЖЕ ДА ИМА НАПРЕДОК АКО НÈ УЦЕНУВА, ВЕЛИ ДИМИТРОВВицепремиерот Димитров вели дека Бугарија го направила дијалогот тежок со тоа што го проблематизира македонскиот јазик. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека не може да има напредок во разговорите за одблокирање на македонските евроинтеграции, бидејќи Бугарија нè уценува и го крши Договорот за добрососедство меѓу двете земји. Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за новото партнерство со САД и Естонија, Димитров рече дека Бугарија го прекршила членот 2 од Договорот, кој предвидува таа да ни помага на европскиот пат, а не да нè блокира.

    „Големиот проблем за напредок во разговорите е атмосферата на уцена. И македонскиот народ и бугарскиот народ имаат една изрека, ‘со сила нема убавина’. За вистинска блискост и вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Не може да имаме блискост и напредок кога се уценува“, повтори неколку пати Димитров.

    Вицепремиерот вели дека Бугарија го направила дијалогот тежок со тоа што го проблематизира македонскиот јазик.

    „Политиката може да создаде позитивна клима да се разговара слободно и отворено. Тоа што се случи, односот се измести, бидејќи Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот, според кој Софија ќе ни помага на европскиот пат, а не да нè блокира и да ни одмага. Ние доживеавме две вета и доживеавме проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, проблематизирање на нашиот јазик на европско ниво и во таа смисла овие чекори го направија искрениот дијалог тежок. Тоа е главниот проблем“, изјави Димитров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира