Во 2007 година, кога влегоа во ЕУ, Романија и Бугарија имаа БДП според куповна моќ околу 10.000 евра по глава на жител и разликата со земјите од Западен Балкан беше мала. Деценија и пол подоцна, разликата меѓу Бугарија и Романија и земјите од Западен Балкан се зголеми значително, вели поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски во анализа за „ЕУ Обзервер“.
До 2023 година, БДП по глава на жител во Романија достигна 30.000 евра (само 20% под просекот на ЕУ), додека во Бугарија порасна на 24.200 евра, што многу повеќе од која било земја од Западен Балкан.
Црна Гора има највисок БДП по глава на жител со 19.500 евра, додека најнизок има Албанија со 13.300 евра.
„Тоа покрева теоретско прашање што можеби никогаш нема да добие вистински одговор: какви ќе беа нивоата на приходи во Западен Балкан ако и тие земји се приклучеа на ЕУ во 2007 година?“, прашува Тевдовски во анализата.
Со оглед на бенефитите од заедничкиот пазар на ЕУ, зголемените директни странски инвестиции и фондовите за кохезија, издржано е да се замисли дека ако земјите од Западен Балкан се приклучеа на ЕУ во 2007 година, нивниот БДП по глава на жител би бил многу поблиску до 24.200 евра колку што има сега Бугарија.
„Сепак, иако минатото не може да се промени, иднината може, но тоа стана уште понеизвесно“, анализира Тевдовски.
Со неодамнешниот План за раст на Западен Балакн се предлага интеграција само во заедничкиот пазар на ЕУ, насочувајќи го процесот на интеграција кон некаква форма на секундарно членство без целосните права и бенефити, во кои што уживаат постоечките членови на ЕУ.
Членството во ЕУ докажано испорачува бенефити за посттранзициските земји, посебно во поглед на приближување на нивните приходи до просекот на ЕУ. Сепак, сè поголема е разликата меѓу балканските земји кои што се членки на ЕУ и оние кои што останаа надвор од ЕУ.
Оваа сè подлабока разлика добива на значење бидејќи интеграцијата на Западниот Балкан продолжува да се одложува.