Бугарските власти одбија да го регистрираат македонското здружение „Никола Вапцаров“ кое го отвори истоимениот културен клуб во Благоевград во октомври минатата година, соопштија од клубот. Бугарската Агенција за регистрација завчера ги известила основачите на здружението дека нивното барање за регистрација е одбиено со образложение дека е неуставно.
Оваа постапка на бугарските власти е спротивна на 15-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур против забраната за здружување на Македонците, како и на препораката на Комитетот на министри на Советот, кој во декември ја повика Бугарија да дозволи регистрација на здруженија кои имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија.
„Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров – Благоевград’ беше отворен по приватна иницијатива на крајот на октомври годинава, а неодамна беше скршен излогот на клубот и приведени четири лица во врска со инцидентот. Целите на здружението, декларирани од клубот, се: ‘културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот за мир и добрососедство, како и поддршка на универзалните човекови права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата’. На 10 февруари добивме решение за одбивање на регистрацијата, што значи дека на нашето здружение му е ускратена легитимноста и е забранета“, велат од клубот „Никола Вапцаров“ во пораката до медиумите.