Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ако Бугарија не ослободи капацитети за пренос на гас за Македонија, бугарската такса на рускиот гас ќе предизвика поскапување на струјата и затоплувањето кај нас за 20 отсто. Бугарија воведе такса за транзит на руски гас, а целиот капацитет на гасоводот за Македонија Бугарија го има дадено на руската компанија „Газпром“, па Македонија не може да набавува од други извори.
Затоа, вели Ковачевски, не бараме ослободување на капацитетот, ако треба и пред меѓународни судови.
„Ваква такса ќе предизвика зголемување на цената на електрична енергија и затоплување кај нас за 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори, што нема да биде руски и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса. Во моментот се водат разговори и на ниво на Европската Унија и со Бугарија со соодветното министерство за да може ова да биде направено. Минатата година успеавме заедно со Европската комисија и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на „Газпром“ и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на настанот по повод Денот на национално осигурување.
Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека нема да прифати никаква уцена од никоја држава во делот на снабдување и загрозување на енергетската безбедност на државата, во врска со потегот на Бугарија да воведе такса за транспорт на руски гас низ бугарски гасовод.
Бугарија, во случајот на Македонија, го има дадено целиот капацитет на гасоводот под закуп на „Газпром“ до 2030 година и Бектеши вели дека Македонија бара веднаш да се ослободи капацитет и да имаме можност и ние да бидеме снабдувани и од други извори за потребите што ги имаме, вклучително од Азербејџан или ЛНГ терминалите.
Доколку не се ослободат капацитетитe, Бектеши рече дека Македонија ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата.