БУГАРСКИОТ НАЦИОНАЛИСТ КАРАКАЧАНОВ НА КОЛЕШКАТА ШЕКЕРИНСКА Ѝ ВЕТИ ПОМОШ ЗА НАТО

    БУГАРСКИОТ НАЦИОНАЛИСТ КАРАКАЧАНОВ НА КОЛЕШКАТА ШЕКЕРИНСКА Ѝ ВЕТИ ПОМОШ ЗА НАТОМинистерот за одбрана на Бугарија во Скопје беше пречекан со највисоки воени почести - (Фото: О. Теофиловски)

    Министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов, познат по националистички изјави во однос на Македонија, денеска по средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека „меѓу Бугарија и Македонија никогаш немало злонамерна и заткулисна политика“.

    Тој рече дека по потпишувањето на меѓудржавниот договор на 1 август одбранбената соработка само ќе се унапредува.

    „Само со чесни односи може да има повеќе стабилност и ред на Балканот. Бугарија го поддржува државното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Нашата позиција е да и помогнеме на Македонија да стане членка на НАТО“ рече Каракачанов.

    Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска се заблагодари на Бугарија што „сериозно застана во одбрана и во промовирање на нашата крупна стратешка цел, а тоа е членството во НАТО“.

    „Денеска сме тука за да покажеме на дело дека билатералниот договор кој што го потпишаа Република Македонија и Република Бугарија нема да остане само на зборови. И тој договор и она што се случуваше по потпишувањето на договорот покажува дека двете држави Македонија и Бугарија се свесни дека само преку добрососедство нашиот регион може да оди напред. Само преку развивање на добрососедски односи можеме да ја гарантираме нашата заедничка безбедност и можеме да го гарантираме напредокот на нашите две држави“, рече министерката Шекеринска.

    Каракачанов, кој е лидер на ВМРО-БНД, во мај годинава ја повтори неговата теза дека Македонија е проект на Коминтерната со центар во Москва, како реакција на изјавата на Владимир Путин дека просветителите Кирил и Методиј се Македонци. Тој беше во делегацијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов во Скопје за потпишувањето на Договорот за добрососедство на 1 август.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира