Крадењето на дисковите со снимките од безбедносните камери во Собранието од страна на обвинетите Сашо Марковски и Оливер Радулов било по наредба на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), обвинетиот Митко Чавков, сведочеше денеска собраниската полицајка Александра Богоевска-Крстановска, кај која бил клучот од контролната соба.
На судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, таа денеска сведочеше по чија и под каква наредба ја отклучила вратата откај што исчезнаа снимките со сите насилства, снимени ликови на насилници и на присутни граѓани на нападот.
„По наредба на мојот претпоставен, началникот на внатрешното обезбедување, по 17 часот ја затворив влезната врата што гледа кон Домот на АРМ и ставив греди. По некое време, мојот претпоставен началникот Александар Јанковиќ го донесоа повреден во собраниската амбуланта. Останав сама на работното место, сите колеги беа во прес-салата кај повредените пратеници“, сведочеше Богоевска-Крстановска.
Во 20.50 часот ѝ се јавил колегата Горан Пешков, ѝ кажал дека има усна наредба од Горан Ѓошевски, началникот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, да пушти во мониторинг-собата двајца колеги од УБК.
„Дојдоа двајцата со уште двајца колеги од МВР во придружба. Колегата Сашо Марковски ми рече да отворам, така било договорено со Горан. Јас им кажав дека без наредба на мојот претпоставен Јанковиќ, кој беше неконтактибилен, повреден, не ја отворам просторијата“, кажа Богоевска-Крстановска.
По ова, сведокот му завртела на телефон сега обвинетиот Горан Ѓошевски. Не ѝ се јавил првин, а потоа тој ја побарал.
„Ми кажа да ја отворам просторијата и да ги пуштам двајцата колеги во контролната соба. Ми кажа дека колегите се дојдени за поефикасна евакуација на повредените пратеници и дека наредбата е од директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Во услови кога началникот на сектор беше на одмор, началникот на одделение на одмор, мојот претпоставен неконтактибилен, а Горан Ѓошевски авторитетен, бидејќи 10 години беше на чело на обезбедувањето на вториот човек во државата, ја отворив мониторинг-просторијата. Сашо Марковски и Оливер Радулов влегоа. Се задржаа 10 минути и излегоа“, сведочеше полицајката.
Марковски и Радулов се обвинети за помагање за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Обвинетиот Ѓошевски и постави неколку вкрстени прашања на сведокот-полицајка, но во ниеден момент не ја оспори нејзината изјава.
С. К. ДЕЛЕВСКА