Уапсени, навредувани, оставени цела ноќ во полициска станица без храна, лекови и без тоалет, претставнички на вкупно 23 сексуални работнички апсени во 2008 година, добија спор против Македонија во Судот во Стразбур.
Државата за тешките повреди на нивните права, за недостоинственото и нехумано однесување во полициската станица Бит Пазар, на тужителките треба да им исплати 13.300 евра.
Навладината ХОПС соопшти дека Европскиот суд за човекови права донесе пресуда: Д.Х. и други против Република Северна Македонија бр. 44033/17, со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет.
„Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови“, вели ХОПС .
Во ноември 2008 година, МВР со спектакуларна полициска акција наречена тогаш ,,Сузбивање на улична проституција“, приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23 сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар.
Утредента биле однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде биле тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода.
„За цело време додека беа лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им беа упатувани погрдни зборови и беа изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминаа во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање“, кажуваат детали од невладината организација.
По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднеле тужба за заштита на нивните лични права пред Граѓанскиот суд Скопје, кој во два наврата утврдил повреда на правата и ги задолжил МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначил пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжиле пред Европскиот суд за човекови права.
„Оваа пресуда, иако со задоцнување, е потврда дека државата има обврска да ги почитува правата на сите и со темелна и ефикасна истрага да ги испита наводите за нехумано и деградирачко постапување, особено кога истите доаѓаат од ранлива група на граѓани. Како што утврдил и ЕСЧП, жртвите лишени од слобода, во ситуација која единствено е под контрола на властите, е одговорност на Државата, а според ЕСЧП, Владата не презентирала доволно докази кои убедливо докажуваат дека полициските власти ги земале предвид основните потреби на апликантите, вклучувајќи го и обезбедувањето храна, вода и пристап до тоалет за време на престојот во полициската станица. Дополнително, објавување на фотографии од полициската станица од кои може да се утврди идентитетот на жртвите на веб страна на МВР претставува повреда на правото на приватен живот“, реагираат од ХОПС.