Четири лица досега се уапсени во врска со вчерашната престрелка во Мала Речица во која што загина Неип Реџепи од кумановскиот огранокот на ДУИ, велат од СВР Тетово за државната агенција МИА. Покрај загинатиот Реџепи, има неколкумина повредени во престрелката, вклучувајќи го и неговиот брат, Сабри Реџепи.
Основното јавно обвинителство Тетово ноќеска соопшти дека причините за настанатата престрелка во моментов се непознати и претстои нивно расветлување.
„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово врши увид на лице место заедно со екипа на Министерството за внатрешни работи. Јавниот обвинител издаде Наредби за обезбедување и прибирање на траги од лице место кои ќе бидат вештачени. Издадена е и Наредба за анализа на ДНК профили, за обдукција на починатото лице, како и за земање на парафински ракавици“, се вели во соопштението.
Престрелката меѓу двете ривалски групи се случи вчера околу 18.30 часот во близина на седиштето на ДУИ во Мала Речица, откако возило „ауди“ со кумановски таблички му го препречило патот на друго возило при по што две лица од првото возило почнале вербална расправија по што дошло и од оружена пресметка.