Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје четврта година е прогласена за најпосакуван работодавач за 2025, според анкетата на веб порталот ВРАБОТУВАЊЕ.КОМ. Наградата, која беше врачена на манифестацијата организирана од порталот, се базира на истражување на ниво на држава за перцепцијата и за искуствата поврзани со работодавачите во земјава.
„Континуитетот на ова признание за нас има особено значење. Тој зборува за доследноста во начинот на кој ја градиме нашата работна култура – отворена, стабилна и ориентирана спрема луѓето. Во ‘Алкалоид’ веруваме дека силната организација започнува со здрави вредности, јасни професионални стандарди, високи етички норми и со заемна доверба затоа што успехот на компанијата произлегува од нејзините вработени. Луѓето се суштината на сè што правиме. Нивната експертиза, мотивираноста и одговорноста се темелот врз кој се развива нашата компанија, па затоа грижата за нивниот професионален и личен напредок останува еден од нашите клучни стратешки приоритети“, велат од „Алкалоид“.



