Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека во општините каде што партијата нема свој кандидат за градоначалник во вториот круг од локалните избори, членовите и симпатизерите треба да гласаат според сопственото убедување, без да има партиски калкулации.
„Ние нема да навлегуваме, ниту навлеговме, во калкулации или во некакви задкулисни договори. Секој граѓанин, секој член, секој симпатизер има целосно право да одлучи согласно сопственото убедување според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократската идеја и до социјалдемократските вредности за чесно владеење, за почит, за еднаквост и за развој“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој ги повика граѓаните да излезат на гласање во недела, на 2 ноември, и да го дадат својот глас за локална власт што ќе биде отворен сервис за нивните потреби.
„Гласајте и изберете локална власт која е вистински сервис за граѓаните, за кандидати што нема да ја затворат вратата. После изборите таа врата ќе биде отворена за секој, кога било кој граѓанин ќе има потреба и кога некој граѓанин ќе сака да биде слушнат. Тоа е глас за луѓе кои ги исполнуваат ветувањата и кои интензивно и силно и посветено ќе работат да живееме подобри општини и градови во иднина“, кажа претседателот на СДСМ.
Во вториот круг од локалните избори в недела ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, а СДСМ има кандидати во 17 општини.



