Љубица Стојковиќ-Попова, адвокатка на еден од петтемина членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија, Скендер Мехмети, на денешното продолжение на судскиот процес му предочи на судот дека како нејзиниот клиент, така и останатите од Надзорниот одбор, биле во обвинителството викнати како сведоци и брз база на тие изјави дадени без адвокати, потоа автоматски биле претворени во обвинети.
За проневера со бесправно купени апарати за игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра во Државна лотарија на Македонија во 2023 и во 2024, обвинети се вкупно осуммина: ексвицепремиерот Артан Груби, поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, ексгенералниот секретар на владата Методија Димовски, како и поранешните членови на надзорен одбор на ова државно претпријатие: Скендер Мехмети, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриовски и Башким Авди и Бојан Јанев.
„Тие изјави ги дале под заклетва, зашто биле викнати како сведоци. Да биле повикани да дадат исказ како осомничени, во таков случај заклетва не се бара да положуваат. Осомничените лица си ја градат одбрната како сакаат и затоа не полагаат заклетва. Башка, прекршено им е и уставнозагарантираното право на одбрана со адвокат”, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК
адвокатката Стојковиќ-Попова.
Таа вели дека во ваков предмет каде што се работи за обвинителен предлог, а без обвинителен акт, дозволено е да се премисли обвинителот, но тврди дека ќе докаже дека се коси со Уставот и со меѓународните конвенции.
За ова ќе реагираат адвокатите и на останатите обвинети членови на Надзорниот одбор.
Адвокатот Јордан Апостолски вели дека до Кривичниот суд ќе поднесе пресуди од Европскиот суд за човекови права и слободи за ваква „измама на сведоци” кои без да бидат повикани и сослушани по вторпат како осомничени, без да им се каже, добиваат одеднаш на домашна адреса судска покана како обвинети.
На сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што како што се тврди во обвинителниот предлог, ги сториле во 2023 и 2024 година. Пропишаната казна за овие кривични дела е од една до пет години затвор.
Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.
Обвинителството тврди дека Обвинетите биле свесни дека АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.
И покрај тоа, првообвинетиот Бајрами, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 09.05.2023 година, до третиот обвинет Методија Димовски, генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог-заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.
Димовски на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган, стои во обвинителниот предлог.
Второобвинетиот Груби кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали.
Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ.
Но, адвокатот Еленко Миланов не само во име на својот клиент Бајрами, туку и во име на сите обвинети, кажа дека штета нема, затоа и според него, обвинителeтвото и не ја предјавило во овој предмет.
„Таа цифра 9,7 милиони евра не е проневера, не е штета, тие пари не се украдени. Тоа е вредноста на апаратите кои уште се имот на Државна лотарија и чија вредност само расте”, кажа Миланов по денешното рочиште на кое се даваа десетици забелешки на над 200-те докази на Скопското обвинителство за овој предмет.
Плус, адвокатите додаваат дека Лотарија имала забрана само за организирање игри на среќа на Интернет, а не и со (купените) апарати.
Скопското обвинителство вели дека за Бајрами води уште 4 истраги за злоупотреба на службената положба, во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.
С. К. ДЕЛЕВСКА



