ЧУВАРИТЕ НА ФОТЕЛЈАТА НА ТРАЈКО ДЕНЕСКА ТРЕБА ДА СЕ ПОЈАВАТ НА СУД ПРЕД ФАТИМЕ ЗА ШАМАРИТЕ ОД 2013 ГОДИНА

    ЧУВАРИТЕ НА ФОТЕЛЈАТА НА ТРАЈКО ДЕНЕСКА ТРЕБА ДА СЕ ПОЈАВАТ НА СУД ПРЕД ФАТИМЕ ЗА ШАМАРИТЕ ОД 2013 ГОДИНАСпецијалната обвинителка Фатиме Фетаи пред Кривичниот суд за првото рочиште од судењето на поранешниот премиер Никола Груевски за насилствата во Општина Центар на 16 декември минатата година. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите пратеници Никола Груевски и Даниела Рангелова, кои вчера заедно со Трајко Вељаноски и колегите од ВМРО-ДПМНЕ седеа во кабинетот на претседателот на Собранието, оневозможувајќи го собранискиот спикер Талат Џафери да ги преземе просториите, денеска треба да дојдат во Основниот суд Скопје 1 на рочиште за нарачување на насилствата во општина Центар во 2013 година, како и за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски.

    Ниту тие двајца, ниту обвинетите ексминистер Миле Јанакиески и општинскиот советник Томислав Лазаров, а ни останатите 11 обвинети, не дојдоа на минатото рочиште на 10 март. Тогаш, според проценката на бранителот Никола Додевски, имало барање од Советот на јавни обвинители од случајот да биде изземена обвинителката Фатиме Фетаи, што според него, секако ќе значело одлагање на рочиштето.

    Нејзината шефица, пак, специјалната обвинителка Катица Јанева, не постапи по барањето на Советот на јавни обвинители и не ја иззема Фетаи.

    Судскиот процес против Груевски за шамарите и насилствата во Центар всушност и не почна. Цело ова време е во подготвителна фаза. Се работи за поднесен обвинителен предлог од СЈО на 15 септември лани и тој требаше да биде брз и економичен судски процес, кој сега требаше да биде завршен или да привршува.

    Судијката Татјана Михајлова со месеци ја одолговлекува подготвителната фаза. Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи предложи како доказ во постапката да се користат прислушуваните разговори за нарачувањето на насилствата и побара да се сослуша сведок чиј идентитет би го знаела само судијката Михајлова. Но Михајлова, по приговорот од адвокатот на Груевски, Никола Додевски, ги одби предлозите на Фетаи, за што СЈО се жалеше до Скопска апелација. До денес, второстепениот суд нема одлука дали Фетаи бомбите и сведокот ќе може да ги користи во постапката против Груевски.

    На претпоследното рочиште, кое се одржа на 20 февруари, Михајлова не ја ни почна главната расправа затоа што двапати им изрече казни на обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи од по 1.000 евра (вкупно за двете 4.000 евра), за навреда, и според неа, за непочитување на Судот. Потоа го прекина судењето.

    Јанева и Фетаи уште на почетокот бараа да добијат збор за да реагираат дека Михајлова во записникот од претходното рочиште направила груб фалсификат, поради што Јанева кажа дека ќе покрене кривична пријава за фалсификат и за други кривични дела против неа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира