Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, доби јавна морална осуда од Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора. Министерот за здравство Азир Алиу на 10 октомври го разреши д-р Кузмановски, откако на социјалните мрежи се појави видео во кое Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице.
Вчера, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека д-р Кузмановски ќе плати парична казна (глоба во износ од 500 до 1.000 евра), бидејќи како здравствен работник работел без важечка лиценца за работа од 15 март до 8 август, кога бил назначен за директор. Од Лекарската комора денеска велат дека д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност. Доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано.
- РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА НЕВРОЛОГИЈА Д-Р КУЗМАНОВСКИ ЌЕ ПЛАТИ ПАРИЧНА КАЗНА ОТИ 5 МЕСЕЦИ РАБОТЕЛ БЕЗ ЛИЦЕНЦА
- РАЗРЕШЕНИОТ ДИРЕКТОР НА НЕВРОЛОГИЈА ИМАЛ МОМЕНТ НА СЛАБОСТ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ ПО ВИДЕОТО НА Д-Р КУЗМАНОВСКИ СО КОКАИН
„Постапувајќи по случајот со видеоснимката објавена на социјалните медиуми во која е инволвиран д-р Игор Кузмановски, Комисијата упатува јавна морална осуда за настанот. Ова се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат. Комората нагласува дека д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата. Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги“, соопшти Комората.
За претставките за евентуални етички пропусти во работењето кои биле поднесени до Комората, утврдиле дека нема случај поврзан со д-р Кузмановски.
„Со цел да може да се обезбедат соодветни факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот во изминатиот период, што сметаме дека е важно во оваа ситуација, Комисијата цени дека е важно да ги имаат на увид и извештаи од стручните комисии формирани за овој случај од страна на Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија. По добивањето на овие официјални извештаи и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми“, вели Лекарската комора.
Б. НЕСТОРОСКА