Поранешниот директор на Клиниката за неврологија д-р Игор Кузмановски, кој работел без лиценца од 15 март до 8 август, треба да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор за да му биде продолжена лиценцата, соопшти Лекарската комора.
Министерот за здравство Азир Алиу на 10 октомври го разреши д-р Кузмановски од директорската функција, откако на социјалните мрежи се појави видео во кое Кузмановски во домашна атмосфера меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијација за кокаин и разговара со друго лице.
Кузмановски доби јавна морална осуда од Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека д-р Кузмановски ќе плати парична казна (глоба во износ од 500 до 1.000 евра), бидејќи како здравствен работник работел без важечка лиценца за работа од 15 март до 8 август, кога бил назначен за директор.
„Како резултат на констатираните наводи и за да се гарантира заштитата на пациентите и интегритетот на лекарската професија, Комората, покрај законски утврдените услови, донесе одлука за преземање на дополнителни мерки. Имено, беше одлучено дека д-р Кузмановски, за да може неговото барање да биде одобрено, мора да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор. По завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за детална проверка на стручните знаења и способности. Имајќи во предвид дека Законот за здравствена заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата, Комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација“, соопшти Комората.
Оттаму додаваат дека тече и сеопфатна процедура поврзана со неговото етичко однесување како доктор.
„За да се донесе конечна, издржана и најправедна одлука, Комората ги очекува извештаите на комисиите формирани од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, кои треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и стручната способност на докторот во целина. Конечната одлука на Комората ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи“, соопшти Лекарската комора.
Б. НЕСТОРОСКА



