ДА БИРАМЕ ПОМЛАДИ ОБВИНИТЕЛИ ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ЗАШТО ТАМУ БРЗО СЕ ТРОШАТ, РЕЧЕ ЈОЛЕВСКИ ПО РЕИЗБОРОТ НА ПЕТТЕ ОБВИНИТЕЛКИ

    ДА БИРАМЕ ПОМЛАДИ ОБВИНИТЕЛИ ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ЗАШТО ТАМУ БРЗО СЕ ТРОШАТ, РЕЧЕ ЈОЛЕВСКИ ПО РЕИЗБОРОТ НА ПЕТТЕ ОБВИНИТЕЛКИМала надеж дека оценката за борба против корупција ќе се поправи со реизборот на истите обвинители. - Од денешната седница на Советот на јавни обвинители (Фото: СДК.МК)

    Од десет пријавени кандидати, осум жени и двајца мажи, во Обвинителството за организиран криминал и корупција се избрани петте обвинителки кои и досега беа таму.

    Освен обвинителката Ивана Трајчева, на судење за корупција јавноста ги нема видено ниту една од останатите четири обвинителки, додека Македонија се соочува со катастрофални оценки за борба против организираниот криминал и корупција.

    Покрај Трајчева, денеска се реизбрани обвинителките Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска (негативно оценета од Вилма Русковска, а советот ѝ дал 18 бода), Енѓелуше Кадриу-Леши и Сузана Мирчевска-Кузмановска.

    Отпаднаа Арсим Адеми, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова и Златко Биковски, зашто имал дисциплинска постапка во тек. Отпадна и обвинителка која била негативно оценета, а неа Советот не ѝ вратил бодови.

    Освен последната, овие кандидати беа пофалени. Повеќе среќа за нив во јуни, кога ќе се бираат уште тројца обвинители во ОЈО за организиран криминал, рекоа од Советот.

    Претседателот на СЈО Антонио Јолевски забележа дека во принцип обвинителите во ОЈО за организиран криминал се трошат со оглед на тежината на предметите и побара во иднина да се гласа за помлади кандидати.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали со оглед на слабите резултати кои водат до лош рејтинг на Македонија во борбата против корупција, смета дека е во ред што се избираат истите пет обвинителки за нов 4-годишен мандат, тој одговори:

    „Не реков дека се избрани најдобрите, во ОЈО за организиран криминал треба уште да се работи”.

    На дополнително прашање на СДК.МК каде се овие четири обвинителки да застапуваат обвиненија во суд за корупција, перење пари и организиран криминал, и дали можеби се тие само обвинителки за мигранти, Јолевски кажа:

    „Не го правам јас распоредот во обвинителството, а ни распоредот на судењата”.

    На следно прашање да наброи по предмет-два од најтешките што ги сработеле овие обвинителки во претходниот мандат, Јолевски кажа дека со таквите извештаи располага Државниот обвинител Љубомир Јовески.

    На прашање пак дали со денешниот избор смета дека Советот го зајакна Обвинителството за организиран криминал, тој не даде прецизен одговор, кажа дека тие треба да си ги довршат почнатите предмети.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира