ДА НЕ СЕ ВИКАШЕ БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“, ЌЕ ДОЈДЕШЕ ДРЖАВНИОТ ВРВ И ЗАЕДНО ЌЕ ГО ОТВОРЕВМЕ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИ

    ДА НЕ СЕ ВИКАШЕ БУГАРСКИОТ КЛУБ „ВАНЧО МИХАЈЛОВ“, ЌЕ ДОЈДЕШЕ ДРЖАВНИОТ ВРВ И ЗАЕДНО ЌЕ ГО ОТВОРЕВМЕ, КАЖА БУЈАР ОСМАНИМинистерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот премиер Кирил Петков на увид на далекуводот Битола-Елабасан. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека бугарските колеги ги предупредил уште пред да се отвори културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола во саботата, дури и си-ви (биографија) им испратил кој е Ванчо Михајлов и што значат неговите лик и дела.

    „Јас и пред настанот на колегите од Бугарија им укажав на реакциите ако се отвори бугарски клуб со такво име. Не е спорно отворањето на клубот, пожелно е да има што повеќе клубови за соработка, спорно е името на клубот. Пред настанот дури и Си-Ви им поднесов за тоа кој е Ванчо Михајлов и им кажав дека тоа тука нема да наиде на одобрување“, кажа Османи на денешниот брифинг со новинарите.

    Тој смета дека отворањето на клубот со назив на соработник на Хитлер зборува за имиџот на Република Бугарија, а не за нашиот имиџ.

    „Тие самите се изложија. Тоа што со месеци нашата дипломатија се обидуваше да го објасни, се објасни за само неколку часа – зошто им се важни на Бугарите некои работи“, рече Османи и додаде дека негова работа е да се грижи за тоа да не успеат вакви провокации, како што рече, на кои што требаше да наседнеме како држава, а кои што се со цел да се претстави Македонија како држава во која се газат основните човекови права.

    Според тезите на Османи, присуството на премиерот Кирил Петков било токму и во таа насока, за да го спаси процесот и сè она што го постигнаа бугарската и македонската страна за решавање на спорот што го има Бугарија кон нас.

    Во продолжение, Османи кажа дека да не беше спорно името, ќе дојдеше државниот врв да го поддржи и заедно ќе го отвореа. Тој вели дека мора да работат на решавање на прашањето бидејќи немаме друга алтернатива и се надева дека во јуни ќе ги почнеме пристапните преговори со ЕУ и уште еднаш вети: „Ништо нема да биде договорено во меѓувреме на штета на граѓаните“.

    Понатаму, на новинарско прашање одговори: „Ние не можеме да ги внесеме Бугарите во Уставот пред да се отворат преговорите за членство, не зашто не сакаме, туку не можеме“.

    Беше прашан за неговото присуство во битолско, а Османи одговори дека не бил на отворањето на клубот, туку на увид на далекуводот Битола-Елбасан со Кирил Петков, бидејќи е дел од Коридорот 8.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира