Историските комисии треба да изнајдат заеднички решенија прифатливи за двете страни, заклучиле премиерот Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов, во вечерашниот телефонски разговор.
„Во телефонскиот разговор се дискутираше и за организација на скорешна посета на премиерот Заев на Република Бугарија, како и за заедничко охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни. Премиерот Борисов истакна дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Северна Македонија, при што заедно со премиерот Заев изразија увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, се вели во соопштението од Владата.
Двајцата премиери разговарале и за заедничката соработка во заштитата од ковид-19, особено имајќи ги предвид искуствата на Бугарија во обезбедувањето заштитна опрема за стручниот персонал и за граѓаните, како и за унапредување на економската соработка.