ДАРАВЕЛСКИ ЌЕ ДОБИЕ НОВО СУДЕЊЕ НА КОЕ ЌЕ МУ КАЖАТ ДЕКА Е СЛОБОДЕН

    ДАРАВЕЛСКИ ЌЕ ДОБИЕ НОВО СУДЕЊЕ НА КОЕ ЌЕ МУ КАЖАТ ДЕКА Е СЛОБОДЕНДаравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година. Tој го оштети државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. (Фото:СДК.МК)

    Осудениот Драган Даравелски чија пресуда е правосилна уште од 2008 година и треба само да почне да ја издржува затворската казна, ќе се спаси од кривично гонење, одлучија Основниот кривичен суд Скопје и Апелациониот суд Скопје.

    Му поверувале на збор дека никогаш не ја примил пресудата додека се криел во Србија.

    Она кое судот не го гледа е дека Даравелски се појави на граница на 10 јануари, баш кога  настапила апсолутна застареност (од 20 години) на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањата. Очигледно е дека знаел и за пресуда и за казна и затоа се криел 20 години во бегство.

    Даравелски знаел дека е осуден и при апсењето во 2016 година од српската полиција, по  барање од нашите власти за негова екстрадиција во врска со правосилната пресуда. Нема врска што тогаш не го екстрадираа.

    Поради тоа и Јавното обвинителство на скопје вложило жалба против одлуката на Кривичниот суд, но Скопска апелација пресече – осудениот во отсуство треба да има „нов“ судски процес. За ново судење нема место, ќе има само рочиште на кое ќе се констатира дека кривичното дело на Даравелски му застарело.

    За разлика од Апелациониот суд Скопје, Кривичниот суд напиша соопштение во кое за одлуката се повика на Европската конвенција за екстрадиција.

    „Советот го ценел чл.3 ст.2 од Втор додатен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од  чл.424 ст.1 од ЗКП, според која кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство“, наведе Кривичниот суд.

    Ова решение во текот на денешниот ден ќе биде доставено до Даравелски, кој беше приведен и однесен во КПУ Идризово.

    „Заради појаснување известуваме дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување“, упорно тврди судот дека ќе има судење.

    Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година. Tој го оштети државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Сега нема да мора да ги врати ни парите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира