Стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) нема да се менува, соопшти Министерството за финансии, откако во дел од медиумите излегоа шпекулации за зголемување на персоналниот данок на 18 проценти и покачуваање на ДДВ за 2-3 проценти.
„Tакво нешто не е предвидено ниту во програмата на Владата“, велат од Министерството за финансии.
Министерството најави дека до крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка на персоналниот данок на доход.
„Сите промени ќе се носат транспарентно и со вклученост на јавноста“, велат од Министерството за финансии, од каде објаснуваат дека во моментов нема прецизирано колку би изнесувала оваа стапка доколку дојде до промени.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешното отворање на саемот Технома, одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали ќе има промена на даноците, кажа дека каква било промена на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството.
„Измената на даноците нема да се случи без поширока расправа и за неа и медиумите и граѓаните и стопанствениците ќе бидат навремено информирани“, рече Анѓушев.