ДДВ ЗА ХОНОРАРЦИ ШТО ЗАРАБОТУВААТ НАД 16.200 ЕВРА ГОДИШНО НЕ Е НОВА ОБВРСКА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИ

    ДДВ ЗА ХОНОРАРЦИ ШТО ЗАРАБОТУВААТ НАД 16.200 ЕВРА ГОДИШНО НЕ Е НОВА ОБВРСКА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИФизичките лица кои ќе платат ДДВ за остварениот приход, може да пријават трошоци и да побараат поврат на ДДВ, велат од Министертвото за финансии. - Министерот за финансии Драган Тевдовски и неговиот советник Бранимир Јовановиќ (Фото: СДК.МК)

    Физичките лица, кои лани заработиле над милион денари вршејќи стопанска дејност годинава до 15 јануари требаше да се пријават во Управата за јавни приходи и да се регистрираат како даночни обврзници, за да плаќаат данок на додадена вредност.

    Ваква обврска имаат и физичките лица кои во текот на оваа година ќе остварат промет над милион денари имаат обврска да се регистрираат за плаќање ДДВ до 15 во месецот, кој следи по месецот во кој го оствариле прометот.

    Според информациите од УЈП, приходи од стопанска дејност се оние што физичките лица ги оствариле работејќи како вештаци, стечајни управници, земјоделци, за работа со договор на дело, од издавање под закуп деловен простор, од членување во надзорен одбор, и приходи од авторски договори и права од индустриска сопственост.

    Дел од јавноста веќе неколку дена бурно реагира на социјалните мрежи дека со тоа државата двојно ги оданочува, бидејќи на овие пари тие веќе плаќаат персонален данок од 10 отсто.
    „Земјата во која е срамота да си милионер, ама не е срамота да си милијардер“, или „луѓе со 1.400 евра хонорар не се богати и не треба двојно да се оданочуваат“, се дел од коментарите на фејсбук и твитер.

    Од Министерството за финансии објаснуваат дека не станува збор за воведување нова јавна давачка, туку дека обврската физичките лица да плаќаат ДДВ ја има во Законот уште од 1999 година.

    „Не воведуваме нова јавна давачка, туку станува збор за спроведување на Закон, кое треба да го прави Управата за јавни проходи. Секаде во Европа, па и во нашиот закон, физичките лица кои самостојно вршат стопанска дејност не се третираат поинаку од правните лица и ДДВ како обврска постои веќе 18 години. Претходната Влада прагот за тоа кој станува даночен обврзник по овој основ го намали, односно претходно беше два милиони денари и го намали на милион денари. Физичките лица кои по овој основ треба да платат ДДВ имаат право да пријават трошоци и да побараат поврат на ДДВ“, велат од Министерството за финансии.

    Ако некој лани остварил приход од 1,5 милиони денари, објаснуваат од Министерството за финансии, и од тие на пример 1,26 милиони денари се трошоци, а останатите 240.000 денари се доход, тој ДДВ ќе плати на целата сума, а персонален данок ќе плати на 240.000 денари.

    „При тоа за овие 1,26 милиони денари кои се трошок може да побара поврат на ДДВ. Оние пак кои оствариле промет над милион денари, а немаат трошоци за работата или од издавање на деловниот простор, ако не сакаат да бидат ДДВ обврзници можат да ги платат придонесите за пензиско и здравствено осигурување, кои се 27 отсто“, велат од Министерството за финансии.

    Од Министерството за финансии велат дека оваа обврска нема да погоди многу луѓе, односно дека по овој основ во буџетот нема да се слеат многу пари.

    Во брошурата на Управата за јавни приходи каде е објаснето кој и по кој основ станува ДДВ обврзник, стои дека како самостојна дејност не се смета дејноста на физичките лица, кои поединечно или здружени се вработени во некое претпријатие и по тој основ примаат плата, им се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Според ова упатство кога вработено лице, покрај редовната работа, својот труд го изнајмува врз основа на договор за изнајмување работници нема да плаќа ДДВ за приходот од договор за дело или од договор за вршење функција.

    „Активностите на професори и доценти во високошколски институции, службеници, кои се вршат покрај активностите утврдени со договор за вработување, начелно се самостојни активности“, стои во упатството на УЈП.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира