Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски вели дека сите учесници на денешниот конгрес на владејачката партија потпишале изјава дека изминативе 15 дена не патувале во подрачја зафатени од коронавирусот, одговарајќи на новинарско прашање зошто партијата не ја почитува владината препорака да не се одржуваат јавни собири.
„Ги почитуваме владините препораки. Сите делегати пред да ги добијат материјалите за конгресот потпишаа изјава дека не патувале во подрачја загрозени од коронавирусот. Годинава, исто така, немаме гости од странство, како што беше пракса досега“, вели Николовски.
На конгресот на СДСМ во скопскиот хотел „Александар Палас“, кој е во тек, учествуваат 692 делегати, а има и 200 гости. Лидерот на СДСМ Зоран Заев заврши со говорот, по што следува затворена сесија на конгресот, на која ќе се утврдуваат 120-мината кандидати за пратеници на изборите на 12 април.
А. АНТЕВСКА