Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски два дена пред предвремените парламентарни избори од скопска фирма набавил три телевизори „Самсунг“ за приказ на резултатите, за вкупна цена од 349.500 денари без ДДВ. Цената на еден телевизор е 116.500 денари без ДДВ.
Набавката е направена со постапка на преговарање без објавување оглас, а во договорот стои дека станува збор за набавка на телевизори кои ќе овозможат приказ на резултати од избори во надворешни услови за заштита и одржување растојание поради КОВИД-19.
САКАМДАКАЖАМ.МК го најде истиот модел на телевизор во еднa од големите трговски куќи за техника и таму чини 82.199 денари, со вклучен ДДВ. Разликата во цена меѓу набавката што ја направил Деркоски и малопродажната цена изнесува 34.301 денар по телевизор.
Вечерта на денот на изборите падна сајтот на ДИК, па резултатите беа прикажувани на телевизор во просториите на ДИК и аматерски пренесувани во живо на каналот на ДИК на Јутјуб. Пред телевизорот се шетаа новинари и вработени во ДИК.
М. ИЛИОСКИ