На десет дена пред почетокот на новата учебна година, денес почнаа обуките на наставниците за користење на националната платформа за онлајн настава.
Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека обуката ќе трае од денес до сабота и со неа се опфатени 1.600 наставници и резервни наставници коишто понатаму ќе треба да го пренесат знаењето за користење на платформата на своите колегии во училиштата.
МОН ги спроведува обуките во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Бирото за развој на образование.
„Предавањата на училишните обучувачи ги одржуваат триесет национални обучувачи кои беа избрани од редовите на наставниот кадар во основните и средни училишта од различни општини во земјата. Мастер тренерите претходно ги поминаа потребните обуки за да може да го пренесуваат знаењето и вештините за платформата. Пред официјалното пуштање на платформата во употреба на први октомври годинава ќе претходат низа тестирања“, велат од кабинетот на министерката Мила Царовска.