Специјалното јавно обвинителство отвори истражна постапка со кодно име „Таргет“ против десет лица од Управата за безбедност и контраразузнавање кои се сомничат дека незаконски прислушувале 5.827 телефонски броеви, соопшти СЈО на денешната прес-конференција.
„Постои основано сомнение дека преку три системи за следење на комуникациите во УБК од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Следена била и комуникацијата пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви“, кажа обвинителката Фатиме Фетаи.