ДЕСКОСКА ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО РОДНИНИТЕ НА УБИЕНИТЕ КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРО ДА ГИ ИНФОРМИРА ЗА ОБИДИТЕ ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ОБВИНЕТИТЕ ОД КОСОВО

    ДЕСКОСКА ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО РОДНИНИТЕ НА УБИЕНИТЕ КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРО ДА ГИ ИНФОРМИРА ЗА ОБИДИТЕ ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА НА ОБВИНЕТИТЕ ОД КОСОВООд поднесувањето на второто барање за екстрадиција во септември 2018 до денес Министерството за правда нема добиено никаков одговор од Министерството за правда на Косово. - Министерката за правда Рената Дескоска (Фото: Влада на РСМ)

    Министерката за правда Рената Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во случајот „Монструм“ и детално ќе ги информира околу преземените дејствија за екстрадиција на обвинетите за убиствата од Косово, соопшти Министерството за правда, откако на денешното судење за „Монструм“ беше повикана од обвинителката Фатиме Фетаи да каже што преземаат косовските власти за екстрадицијата и дали воопшто преземаат нешто во таа насока. Станува збор за лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

    Од Министерството за правда велат дека досега имаат испратено две барања за екстрадиција во март 2013 и во септември 2018, а оттогаш имаат испратено и две ургенции до косовските власти да се произнесат, и тоа и тоа во февруари 2019 и во јули 2019.

    „Во постапката за екстрадиција на г. Демири и г. Исмаиловиќ, Министерството за правда ги прави сите напори двајцата бегалци од правдата да ги донесе во Република Северна Македонија, притоа користејќи ги сите законски можности, но и билатеталниот договор со Косово. Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година. На 22 јануари 2016 година, Апелациониот суд на Република Косово го одбива првото барање за екстрадиција. Откако беше комплетиран предметот повторно, од страна на министерката Дескоска беше испратено новото барање за екстрадиција, кое Министерството за правда на Косово го имаат примено на 5 септември 2018 година. Во новото барање детално се задржавме на сите точки кои беа истакнати во претходно одбиено барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција до денес Министерството за правда на Република Северна Македонија нема добиено никаков одговор од Министерството за правда на Косово“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

    Оттаму додаваат дека согласно сите податоци со кои тие располагаат, а кои ги имаат доставено до Министерството за правда на Косово, очекуваат лицата да бидат екстрадирани и да бидат изнесени пред лицето на правдата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира