ДЕЦАТА БЕЗ РОДИТЕЛИ ОД ДОМОТ „11 ОКТОМВРИ“ СМЕСТЕНИ ВО МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИ И ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА

    ДЕЦАТА БЕЗ РОДИТЕЛИ ОД ДОМОТ „11 ОКТОМВРИ“ СМЕСТЕНИ ВО МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИ И ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА„Ги охрабрувам и сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и срце за нов член на семејството“, рече министерката Мила Царовска. (Фото: Министерство за труд и социјална политика)

    Децата од Домот за деца без родители „11 Октомври“ од пред четири дена се сместени во четири мали групни домови и згрижувачки семејства. Министерката за труд и социјална политика Милa Царовска, која денес заедно со претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс посети дел од децата сместени во една од куќите, рече дека воделе сметка децата да останат во близина на училиштето кое што го посетуваат и да не ги разделуваат децата што имаат браќа или сестри.

    „Процесот на деинституционализација тече подобро од очекуваното, досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60 отсто. Нашите заложби како Влада се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години во големите институции. Секое дете заслужува да расте со семејство, да чувствува вистинска грижа и топлина. Продолжуваме да работиме на отворање на мали групни домови, каде децата имаат услови за живот како во вистински семеен дом. Ги охрабрувам и сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и срце за нов член на семејството“, рече Царовска.

    Од Домот „11 Октомври“ 19 деца се сместени во три мали групни домови во Скопје, 4 деца се во мал групен дом во Штип, а 8 деца се сместени во згрижувачки семејства. Царовска рече дека домот „11 Октомври“ ќе се трансформира во објект за поддршка на семејства во ризик.

    Процесот на деинституционализација Министерството за труд и социјална политика  го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

    Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс кажа дека многу европски земји преку систематски реформи и кампањи за промена на ставовите станаа места каде сместување на децата во институции веќе не се прифаќа.

    „Со затворањето на претпоследната институција за деца во земјата, се доближуваме до остварување на таа иста цел. За жал, секогаш ќе постојат деца без родителска грижа. За да им се обезбеди на тие деца поддршка во семејно опкружување ни требаат мали групни домови, како овој, и голема мрежа згрижувачки семејства кои се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата кои може да имаат потреба од грижа во иднина“, рече Перкс.

    Пред четири месеци, сите 25 деца сместени во домот „25 Мај“ беа префрлени во живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучени во редовниот образовен процес. Од Министерството за труд и социјална политика потсетуваат дека сите деца од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени и сместени во мали групни домови каде што имаат 24 часовен надзор, и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира