Децата од градинките еднаш неделно ќе добива по еден килограм свежо овошје. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска ја промовираа Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје за 2023 година. Програмата предвидува сите градинки во државата да добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и јаболки во текот на 5 месеци, односно секое дете треба да добие по еден килограм овошје неделно.
Министерот Николовски кажа дека оваа програма е продолжение на она што Министерството го започна минатата година, но сега со двојно поголем буџет.
„За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа и тоа најмалку 90.000 килограми кајсии, 175.500 килограми праски, 168.000 килограми сливи, 74.000 килограми круши, 370.000 килограми јаболки. Целта е децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува. Опфатени се 38.000 деца од сите градинки во државата“, изјави министерот Николовски.
Министерката Тренчевска кажа дека се направени измени во правилникот кои предвидуваат зголемен внес на свежо овошје и зеленчук, месечната листа на јадење ќе биде секој ден различна, со богат избор на овошје и зеленчук за подготовка на оброците во градинките.