ДЕЦАТА ВО КОЧАНИ ГИ УБИ НОВИОТ ФАШИЗАМ НАХРАНЕТ СО АЛЧНОСТ, КОРУПЦИЈА И НЕЗНАЕЊЕ, РЕЧЕ ИГОР ЏАМБАЗОВ НА „ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА“

    ДЕЦАТА ВО КОЧАНИ ГИ УБИ НОВИОТ ФАШИЗАМ НАХРАНЕТ СО АЛЧНОСТ, КОРУПЦИЈА И НЕЗНАЕЊЕ, РЕЧЕ ИГОР ЏАМБАЗОВ НА „ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА“„Кој ги уби тие деца? Наши неодговорни луѓе. Тоа е новиот фашизам“, рече Игор Џамбазов за жртвите во Кочани (Фото: К. Попов)

    Игор Џамбазов синоќа ја рецитираше поемата „Крвава бајка“ од српската поетеса Десанка Максимовиќ на шоуто „Златна Бубамара на популарноста“ во Скопје, оддавајќи им почит на 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март лани.

    „Кој ги уби тие деца? Наши неодговорни луѓе, Луѓе-нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, луѓе. Новиот фашизам нахранет со алчност, корупција и незнаење. Новиот фашизам, новиот лик на светот кој никому не му се допаѓа. Пред три години на оваа иста сцена рецитирав стихови од антифашистичкиот брат на Десанка Максимовиќ, нашиот легендарен поет Славко Јаневски. Се сеќавате? ‘Тиквешко негде в некое село, кај слана тивко венеше цвете, убија дете’. ​Кому му ги рецитирав овие стихови? Ја научи ли некој оваа поезија? Се слушаме ли луѓе? Кому му пречеа тие деца?“, рече Џамбазов, а додека зборуваше на видеобим беше испишан насловот „Македонска крвава бајка“.

    „Во градот Крагуевац, каде што на 21 октомври во 1941 е направен фашистички масакар над учениците и нивните наставници, уште стои споменик од наставникот кој рекол: ‘Пукајте, јас и сега држам час’. Како кај нас не се најде некој да го каже тоа, да ги заштитеше овие деца?“, додаде Џамбазов.

    Актерот кажа дека ова е можеби најтажната „Златна Бубамара на популарноста“. Секоја година, тој се потсетува на познатите личности кои починале во изминатата година. Годинава, се покажаа и слики од сите загинати членови на групата „ДНК“ кои загинаа во пожарот во Кочани. Дел од нив беа и дел од тимот на „Златна Бубамара“, како тонецот Игор Велков.

    „Сара десет години на оваа сцена ми го чуваше грбот. Никогаш нема да ја заборавам“, рече Џамбазов за професорката по пијано и придружен вокал Сара Пројковска.

    „Златна Бубамара на популарноста“ годинава се одржа по 29 пат. Легендарната британска соул, фанк и диско група „Делегејшн“, и американската соул ѕвезда Марта Хај беа дел од гостите и добија награди за животно дело. Меѓу наградените кои настапија се Владо Јаневски, Калиопи, Слаткаристика, Тони Зен,  Владимир Четкар и многу други.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира