ДЕЦАТА ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВНИОТ ДОМ ЧЕСТО СЕ САМОПОВРЕДУВААТ, ВО НОВИОТ ОБЈЕКТ ИМ Е ПОТРЕБНА ДЕНОНОЌНА ЛЕКАРСКА ЗАШТИТА, БАРА ОМБУДСМАНОТ ПРЕД СЕЛЕЊЕТО ОД ОХРИД

    ДЕЦАТА ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВНИОТ ДОМ ЧЕСТО СЕ САМОПОВРЕДУВААТ, ВО НОВИОТ ОБЈЕКТ ИМ Е ПОТРЕБНА ДЕНОНОЌНА ЛЕКАРСКА ЗАШТИТА, БАРА ОМБУДСМАНОТ ПРЕД СЕЛЕЊЕТО ОД ОХРИДСтојановиќ вели дека за првпат на лицата лишени од слобода им се плаќа здравствено осигурување, без исклучок. Првпат во историјата Министерството за здравство ќе си ги покрива овие лица со здравствена заштита. - Васка Бајрамовска – Мустафа; Јовица Стојановиќ (Фото:СДК.МК)

    Децата-штитеници со воспитно-поправни мерки изречени од судовите, чекаат да бидат преместени од малолетничкиот затвор во Охрид во новиот ВП Дом во Волковија, но иако беше планирано, засега нема во огромниот нов објект со нив да се мешаат и врсниците осудени на затворски казни за тешки кривични дела. Тие ќе останат во затворот во Охрид.

    Народниот правобранител пред неколку дена испрати писмо до Управата за извршување санкции, до Министерството за правда и до Владата во кое покрај препораката дека двете категории деца и малолетници не треба воопшто да се мешаат, инсистира и на други услови кои треба да ги исполни државата пред нивниот трансфер.

    „Важноста на образованието и неговото влијание во ресоцијализацијата на овие лица, деца, е најважно и по 20 години, редно е тоа да се среди. Укажавме дека е потребно итно да се контактира Министерството за образование и да се обезбеди континуирано основно и средно образование за стартот на новата учебна година, а не како досега, воопшто да нема или тоа да биде проект на УНДП“, вели Заменикот-народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа. Таа укажува и на тоа дека Домот е надвор од населено место.

    Директорот на Управата Јовица Стојановиќ вели дека во соседното село на Волковија има основно училиште, треба да се реши уште средното образование и тоа со закон е обврзано да си го реши Министерството за образование.

    Новиот објект има современа општа и забна амбуланта, по европски стандарди, но Омбудсманот вели дека треба да се направи план како ќе функционираат, со оглед на тоа дека тие деца знаат многу често да се самоповредуваат, па поради тоа им е потребна истна лекарска интервенција.

    Стојановиќ вели дека за првпат на лицата лишени од слобода им се плаќа здравствено осигурување, без исклучок. Првпат во историјата Министерството за здравство ќе си ги покрива овие лица со здравствена заштита. Сите проблеми кои ги лоцира Народниот правобранител, вели директорот, се решливи.

    „Со оглед на локацијата на која се наоѓа новиот ВП Дом ‘Тетово’, реален проблем е транспортот на семејствата на штитениците, но и за вработените во Домот. Многу се важни контактите на овие деца со нивните семејства, тоа е најважното нешто за нивната ресоцијализација, зашто треба да почувствуваат дека се сакани од дома. Но семејствата им се во тешка материјална состојба. Бараме да се разгледа можноста за организиран превоз до Волковија, односно за финансиска помош на овие семејства чии деца таму издржуваат мерки“, вели Бајрамовска – Мустафа.

    „До новиот ВП Дом има патна структура, интернет, се наоѓа меѓу две општини, има население околу, не е надвор од цивилизација и во пустелија. Еден километар е од Чегране, се наоѓа на регионалниот пат Тетово – Гостивар“, вели Стојановиќ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира