Институтот за белодробни заболувања – Детската болница Козле се подготвува да стане КОВИД 2- центар, изјави директорот Ангелчо Андоновски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Директорот вели дека со одлука на здравствените власти и Комисијата за заразни болести, со оглед на ситуацијата со растот на новозаболени од коронавирус во земјава, Детската болница е избрана да биде КОВИД-2 центар поради нејзината најсовремена опрема, флексибилност и подготвеност.
На располагање ќе има 70 легла, а ќе работат интернистички и инфективни тимови.
„Со оглед на тоа дека имаме современа опрема, секако дека ќе има посебен влез за лекување и третирање на ковид позитивните лица. Остануваат два оддели за лекување на деца, а КОВИД- центарот ќе биде ставен во функција кога ќе има потреба“, вели директорот. Во моментов немаат деца позитивни на КОВИД-19, а чекаат резултати за три деца.
Уште на почетокот на епидемијата во земјава, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека Детската болница Козле ќе се подготви за во неа да бидат сместени, ако евентуално има заразени деца со коронавирусот, и дека се обезбедени 70 легла со респираторни апарати.
Од почетокот на коронакризата, покрај Инфективната клиника, главен КОВИД-центар во земјава е Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Пациенти се хоспитализираат и на инфективните одделенија во јавните здравствени установи низ земјава, а од неодамна поради преоптовареност на овие болници, се стави во функција и монтажната болница до Инфективната клиника, каде има 72 кревети.
Во последните 24 часа единаесет лица починаа од компликации од коронавирус, а регистрирани се 185 нови случаи на КОВИД-19 од 1.364 тестирања.
Според денешната статистика на Министерството за здравство, низ целата држава хоспитализирани се 364 пациенти, заболени, или суспектни на КОВИД-19.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа се примени 9 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 101 пациент. На кислородна поддршка се 46 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.
До утрово, во „8 Септември“ примени се 20 нови, а вкупно хоспитализирани 133 пациенти. На респираторна машина се петмина.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 35 пациенти.
Во болницата во Штип се хоспитализирани 19 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани уште 76 пациенти – позитивни и сомнителни на КОВИД-19.
Б. НЕСТОРОСКА