Деветвалентните вакцини против ХПВ се пристигнати во државата и целиот процес од прием до пуштање на сериите на вакцините во промет е завршен, одговорија од кабинетот на Министерството за здравство 4 часа по објавениот текст на САКАМДАКАЖАМ.МК, „Министерот Демири најави дека во мај ќе има деветвалентна вакција против ХПВ, не кажува дали стигна“.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 31 мај испрати прашања во Министерството дали е стигната вакцината, ако не е, зошто доцни и кога ќе стигне, но до објавувањето на текстот денеска во 9:34 не добивме одговор. Одговорот стигна во 13:45 часот.
Оттаму додаваат дека во тек е дистрибуцијата на вакцините.
Вакцината се користи од 2008, а од 2009 е воведена во Календарот за задолжителна имунизација, кој со оваа вакцина се осовременува. Досега се користеше четиривалентната, а сега е надополнета со пет серотипови, се зголемува ефикасноста на оваа вакцина.
Вакцината, според календарот, може да ја примат и момчиња и девојчиња на возраст од 12 до 15 години, а ако се задоцни, може најдоцна да се прими до 18 години, т. е. до крајот на средното образование. Ако се прими на возраст од 12 до 15 години, се дава во две дози, а после 15 години во три дози.
Според извештајот од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања од ХПВ во земјата изнесува 52, 5 отсто. Покриеност од 100 отсто има само во шест општини: Демир Хисар, Свети Николе, Кочани, Делчево, Кратово и Валандово. За нискиот опфат на вакцинација, министерот Демири кажа дека после изборите се планираат законски измени, како на пример, да не може да се вработи здравствено лице без примени вакцини и поголема одговорност за родителите кои не ги вакцинираат децата.
Б. НЕСТОРОСКА