ЏАФЕРИ ЌЕ ИМ ГО ЧИТА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ОТКАКО ГО ОБВИНИЈА ЗА МОБИНГ

    ЏАФЕРИ ЌЕ ИМ ГО ЧИТА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ОТКАКО ГО ОБВИНИЈА ЗА МОБИНГ„Ќе ви го читам законот, прво морате да разберете што е мобинг, пред да ме обвинувате“, кажа спикерот Талат Џафери (Фото: О. Теофиловски)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека денеска ќе им го чита Законот за работни односи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, откако опозициската пратеничка Лилјана Кузмановска ноќеска го обвини за мобинг. Седницата на која што се расправа за Законот за употреба на јазиците траеше до 2.20 часот, а околу 2 часот, Кузмановска се пожали дека со колешките од Клубот на пратеници биле на работилница пред да дојдат на седница и, како што кажа, во Собранието се врши мобинг врз нив затоа што работеле повеќе од 18 часа.

    „Со колешките од Клубот на пратенички бевме на работилница и по враќањето во ова Собрание се врши мобинг врз нас затоа што ние повеќе од 18 часа работиме во два часот по полноќ, треба да бидеме сконцентрирани и да работиме по еден исклучително сложен закон. Ќе ги информирам УНДП, НДИ и други невладини организации кои работат по ова прашања. Ние сме жени, не дека сме послаби, но работевме под исклучитлени тешки услови, имавме четири часа пат и сега работиме во два часот по полноќ“, кажа Кузмановска.

    Џафери побара од Кузмановска да го повлече изразот мобинг и рече дека за да разберат пратениците што е мобинг, денеска ќе го чита Законот за работни односи.

    „Веројатно се работи за лапсус, искористивте термин мобинг. Ме обвинувате за мобинг, а по дефиниција тоа е нешто друго и ве молам да го повлечете тој израз. Не се работи за мобинг, читајте си го Законот за работни односи, таму е дефинирано што е мобинг. Јас не сум бил на спиење тука. Вие можете да си излегувате, а јас сум приморан да седам тука. Мене ме обвинувате, а вие се пријавувате по 22 реплики на еден говорник. Ќе ви го читам утре законот, прво морате да разберете што е мобинг“, рече Џафери.

    Набрзо потоа, спикерот ја прекина расправата и продолжението го закажа за денеска во 12 часот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира