Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и претседателот на Собранието Талат Џафери влегоа во жесток дуел на седницата на која што се расправа за законот за употреба на јазици поради обвинувањата на Милошоски дека градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта е корумпиран и ја злоупотребувал функцијата.
Милошоски обвини дека законот за употреба на јазици се носи само за да се покрие криминалот на градоначалниците на ДУИ, а не се води од потребите на Албанците, на што Џафери му одговори со препорака да ја прочита последната книгата на Стојан Андов за улогата на Албанците за приемот на Македонија во Обединетите нации
„Без разлика дали некој гласач е Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Бошњак, прашувам: кој Кавадарчанец има потреба од овој закон. Но, за законот има потреба Анѓушев за да фрли магла дека ‘Фени’ се затвора. Или кој Гостиварец има потреба од овој закон. Обичниот Гостиварец има потреба од работно место и него го наоѓа во двата трговски центри во сопственост на Невзат Бејта. Не Албанците, туку Бејта има потреба од овој закон за да крене магла за да не се види колку се збогатил, за да не се открие постапката која се води против него оти изградил пат без тендер. По една година откако го изгради патот објави тендер кој го доби фирмата која веќе го изградила патот“, рече Милошески.
Претседателот на Собранието Талат Џафери се налути за злоупотребата на говорницата од Милошоски во предизборни активности.
„Антонио твојата реплика нема врска со говорот на Владанка Авировиќ. Јас ќе ти кажам, јас сум од Гостивар, оти ме повика. Прво и основно, како бивш министер за надворешни работи и како пратеник, не ви доликува говорницата да ја злоупотребувате со кажување невистини и инсинуации. Собранието нема истражна надлежност. Ако имаш храброст, ако си убеден дека тоа што го зборуваш е вистина излези од салата и кажи го истото, за да може да одговорат и другите, а и да се покренат истражни мерки. Зборувате за пат. Тој пат Невзат Бејта ниту ги направи во Форино , каде живеам јас, ниту во Дуф , каде живее Бејта, туку во село Тумчевиште, каде живеат Македонци. Иако си од Кичево, не си имал прилика да се дружиш со Албанците и да работиш со нив, освен во политиката. Прашај во Тумчевиште со кого ги гасеа пожарите во Чегране. Продолжете така да се однесувате кон Албанците и продлабочете го тој јаз, тоа е ваше право. Ви препорачувам да ја прочитате последната книгата на Стојан Андов за улогата на Албанците за приемот на Македонија во Обединетите нации“, одговори Џафери на обвинувањата на Милошоски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски пред да зборува на говорницата, му дофрли на Џафери: „Жешко е претседателското столче“. По завршувањето на репликата на Вељаноски на говорот на Авировиќ, Џафери не остана покус на досетката на Вељаноски и му рече: „Колку е жешка столицата? Сигурно не е пожешко отколку на 27 април“.
Пратениците се на пауза, расправата продолжува во 15 часот.
Г. ТРПЕНОСКИ