Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека прашањето во барањето за референдум на Левица е несоодветно поставено и бара предлагачот да го дополни предлогот, соопшти Собранието.
Референдумското прашање во барањето на Левица гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?”, а Џафери вели дека не е подготвено во согласност со одредбите на Деловникот.
„Испитувајќи го вашето ‘Барање за покренување на граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на задолжителен дополнителен референдум’, увидов дека барањето не е подготвено во согласност со одредбите на Деловникот, а особено член 135 од истиот, а и поставеното прашање упатува на несоодветно поставено прашање од причина што, заклучоците не се општ правен акт, закон или устав, истите по негова природа и содржина се став кој ја насочува Владата на Република Северна Македонија во нејзиното постапување“, се вели во соопштението.
Џафери вели дека според Деловникот Левица има рок од 15 дена да го доработи барањето, т.е. да го усогласи со Деловникот.
Лидерот на Левица Димитар Апасиев на 7 октомври го предаде барањето за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво до архивата на Собранието.
Џафери минатиот месец ја одби иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдумско изјаснување по прашањето: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија од 18.01.2018“, со образложение дека тој Договор има третман на ратификуван меѓународен договор и според Уставот има правна сила и не може да се менува со закон.