Остри реакции предизвика објавувањето на списокот на 39.502 гласачи кои од денеска до 19 август треба сами да се пријават за да се регистрираат за гласање.
Ба новиот списокот кој го објави Државната изборна комисија, се наоѓааат скоро истите имиња кои беа објавени на веб страницата на ДИК уште на 29 март годинава а за кои беше утврдено дека нивното гласачко право е неспорно.
„ДИК е составена од банда идиоти (од прв до последен без разлика на пол, верска, или национална припадност) кои или не знаат да читаат па не им е јасно како да го употребат Правилникот, или немаат врска со мозокот, а камоли со работата“, напиша во Фејсбук статус професорката Мирјана Најчевска, познат борец за човекови права, која треба сама да се пријави да оствари избирачко право, иако 35 години живее на иста адреса и исто толку години гласа на исто гласачко место.
И поранешниот потпретседател на Собранието Јани Макрадули побара оставка од членовите на ДИК по ваквото причистување на Избирачкиот список.
На списокот се познати имиња кои неспорно имаат гласачко право: Ерол Ризаов, Павле Трајанов, лидерот на Демократски сојуз, Гордан Георгиев, поранешен потпретседател на СДСМ, неговата мајка Јагода Михајловска – Георгиева, позната писателка и новинарка, Коле Чашуле, главен уредник на Алфа ТВ …
Ова е список на спорни гласачи кои при првата теренска проверка не биле најдени дома.
Сите овие лица утврдени како спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните во периодот од 26 јули до 19 август 2016 година треба да се пријават во Државната изборна комисија за да може да се запишат во Избирачкиот список.
При пријавувањето, граѓаните ќе мора да носат важечка лична карта или пасош. Граѓаните ќе можат да се пријавуваат и преку интернет преку посебна апликација поставена на веб страницата на ДИК.