Државната изборна комисија (ДИК) денеска во 11 часот ќе одржи редовна работна средба за прочистување на избирачкиот список. Како што информираат за „Мета“ членови од ДИК, тие продолжуваат со редовна работа за целосна проверка на спорните гласачи.
Синоќа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека денеска ќе има средба со членовите на ДИК од таа партија и дека ќе донесат одлука дали и тие, како техничките министри и дополнителните заменици министри, ќе се повлечат од комисијата.
– Една од поизвесните одлуки е дека и тие ќе бидат повлечени – рече Заев.
Вчера со осум гласа „за“ и ниту еден „против“, ДИК го изгласа извештајот за досегашната обработка на спорните гласачи опфатени со вкрстена и со теренска проверка.
Како што соопштија оттаму, од 87.128 лица кои теренски беа проверувани, 37.435 лица не биле пронајдени дома.
ДИК побарала од избирачкиот список да се избришат околу 4.000 лица, за кои според евиденцијата на МВР и матичната евиденција е потврдено дека се починати.
Од МВР сè уште не се докрај обработени податоците на повеќе од 100.000 лица кои се појавија како спорни по вкрстената проверка.
Членовите на ДИК од СДСМ сметаат дека избирачкиот список не е прочистен, додека за членовите од ВМРО-ДПМНЕ останува само уште малку работа.