Постојат законски ограничувања лицата со попреченост да го остварат своето право на глас, покажа истражувањето што го спроведе Здружението „Инклузива“, кое беше вклучено во мониторинг на референдумот, кој се одржа лани.
„Изборното законодавство не е усогласено со одредбите од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, постојат дискриминирачки одредби, односно на одредена група лица со попреченост со судска одлука им се одзема деловната способност и по тој основ се бришат од избирачкиот список. Лицата со попреченост во згрижувачки семејства не може да гласаат во местото каде е згрижувачкото семејство, туку во местото на раѓање, а лицата со попреченост се евидентираат и гласаат заедно со болните и изнемоштени лица, што е дискриминирачки“, рече Благица Димитроваска“, од „Инклузива“.
Мониторингот на референдумот е правен во 21 општина во 240 гласачки места, пред гласањето, за време на гласањето и по него.
Таа кажа дека од мониторингот на референдумот се покажало дека иако генералната излезност била мала, евидентирано е дека 21 лице со попреченост не можело да гласа, оти ги немало во избирачкиот список.
Оливер Дерковски, претседателот на Државната изборна комисија, кажа дека ќе им овозможат непречено следење на седниците на ДИК на лицата со попреченост за да можат да бидат навреме информирани за нивните одлуки.
„За претстојните избори таму каде што има можност ќе направиме технички интервенции за да бидат избирачките места попристапни, а сега за прв пат со пилот проект ќе овозможиме гласање на лица со попреченост сместени во старски домови. Тоа ќе биде во дом во Центар. АКо овој пилот проект се покаже успешен ќе може потоа да се примени и насекаде“, рече Дерковски.
Тој кажа дека во соработка со граѓанските здруженија ќе работат на потребните законски измени за да им се овозможи на лицата со попреченост подобро остварување на правото на глас.
Е. БОЧВАРОСКА