ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА И НАТАМУ ОДБИВА ДА СЕ ИЗВИНИ ШТО МЕСТО ДА Ѝ ОДГОВОРИ, ЈА НАВРЕДИ ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ДЕКА НЕМА ПРАВО ДА ПРАШУВА ЗАШТО НЕМА ДЕЦА

    ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА И НАТАМУ ОДБИВА ДА СЕ ИЗВИНИ ШТО МЕСТО ДА Ѝ ОДГОВОРИ, ЈА НАВРЕДИ ПРАТЕНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ДЕКА НЕМА ПРАВО ДА ПРАШУВА ЗАШТО НЕМА ДЕЦАДимитриеска-Кочоска на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, која го искористи законското право да постави пратеничко прашање на седницата во Собранието ѝ кажа дека таа нема право во прашањата да спомнува мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена и има два сина.(Фото: Влада)

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и понатаму одбива да се извини за навредите кои од собраниската говорница на 27 февруари ги упати кон пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска. Димитриеска-Кочоска на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, која го искористи законското право да постави пратеничко прашање на седницата во Собранието, наместо да ѝ одговори ѝ рече дека таа нема право во прашањата да спомнува мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена и има два сина.

    Министерката денес кажа дека во јавноста се прави дефокус во однос на тоа што таа го кажала од говорницата и како било интерпретирано.

    Мислам дека неколку пати повикав на тоа луѓето да ја ислушаат целата комуникација во Собрание и самите да носат заклучоци. Во однос на извинувањето мислам дека својот став го кажав, кога би погрешила би се извинила. Воопшто немало тенденциозност, ниту некаква намера. За мене како што кажав, тоа е затворено, но би замолила една работа. Граѓаните да бидат стрпливи, да почекаат малку. Времето ќе покаже кој бил во право, а кој не бил и зошто се случуваше сето ова“, рече Димитриеска-Кочоска одговарајќи на новинарско прашање при посета на Економскиот факултет на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

    Пратеничката Славјанка Петровска од собраниската говорница ја праша министерката Димитриеска-Кочоска за потрошувачката кошничка наведувајќи дека за неа е нелогично едно 4-члено семејство во месецот да користи само 13 литри млеко.

    За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство, многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Подеднакво важно е за една мајка дали ќе може цел месец на своите деца да им дава по една чаша млеко. Зашто, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте за едно 4-члено семејство, тогаш ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни, освен ако не го заменувате со бадемово или со некое друго. Моето прашање е следно: Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење, не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа?“, праша Петровска.

    Наместо да одговори министерката упатувајќи навреди кон Петровска.

    Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е 3-члено, а не 4-члено. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече министерката и ја напушти говорницата.

    Пратеничката Славјанка Петровска поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација за понижување и дискриминација по основ на брачен и семеен статус.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира