ДИМИТРОВ ПОЧНАЛ ПОСТАПКА ЗА БОЈКОТОТ НА АМБАСАДОРОТ НАУМОВСКИ НА ШЕКЕРИНСКА ВО САД

    ДИМИТРОВ ПОЧНАЛ ПОСТАПКА ЗА БОЈКОТОТ НА АМБАСАДОРОТ НАУМОВСКИ НА ШЕКЕРИНСКА ВО САД„Амбасадорот Наумовски не се појавил ниту на пречекот, ниту на испраќањето на делегацијата. Амбасадорот само испратил претставник на амбасадата и тоа дипломат во својство на возач на едно од возилата за пречек и испраќање“, додаваат од Министерството за надворешни работи“, велат од МНР.(Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров почнал постапка за расчистување на случајот со бојкотирањето на амбасадорот Васко Наумовски на вицепремиерката Радмила Шекеринска при посетата на САД, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за надворешни работи.

    Од таму објаснуваат дека постапката е поведена бидејќи во текот на посетата на Шекеринска на САД, амбасадорот Наумовски не стапил во контакт со делегацијата, ниту пак изразил било каков интерес за посетата.

    „Во текот на посетата, амбасадорот Наумовски  воопшто не стапил во контакт со делегацијата, ниту пак изразил било каков интерес за текот на посетата што цениме дека е недозволиво за вака исклучително значајна посета, без разлика дали бил формално предвиден или не во нацрт – програмата на Министерството за одбрана. Во крајна линија, во случај на дилеми, амбасадорот требало телефонски да се консултира со Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана околу неговото учество во програмата. Од овие причини, во Министерството за надворешни работи е во тек постапка за расчистување на случајот“, велат од МНР.

    Амбасадата и амбасадорот во Вашингтон велат од МНР, биле навремено  информирани за посета на министерката за одбрана и вицепремиерка во Владата Радмила Шекеринска на САД. На 10 април бил испратен и допис со детали за посетата и за предвидените средби.

    „Логистичката поддршка и побараните средби во Белата куќа и Стејт департмент се организирани согласно барањето од Министерството за одбрана, но амбасадорот Наумовски не се појавил ниту на пречекот, ниту на испраќањето на делегацијата. Амбасадорот само испратил претставник на амбасадата и тоа дипломат во својство на возач на едно од возилата за пречек и испраќање“, додаваат од Министерството за надворешни работи.

    Шекеринска која од 25 април до 2 мај беше во официјална посета на САД и притоа имаше средба со секретарот за одбрана Џејс Матис, по враќањето во земјава рече дека скандалозно и крајно неодговорно е што Наумовски не дошол дури ни на средбата во Пентагон и дека тоа зборува за неговиот дипломатски калибар.

    „Јас во Вашингтон во еден момент помислив дека немаме амбасадор бидејќи не го видов ниту службено, ниту на почетокот, ниту на крајот на посетата. Сметам дека тоа е скандалозно однесување затоа што на нашиот амбасадор не му пречи секој први во месецот да добива плата од оваа влада. Меѓутоа вие да отспиете посета на Пентагон која не се случила во 6 години, тоа прво зборува за дипломатскиот калибар, но зборува и за неодговорноста кон вршење на функцијата“, рече Шекеринска минатиот четврток гостувајќи на емисија на ТВ Телма.

     

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира