Министерот за надворешни работи Никола Димитров верува дека новата методологија на ЕУ за пристапниот процес ќе резултира со отворање на пристапните преговори во наредните недели. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска го презентираше извештајот за ревидираната методологија за преговори пред новинарите и пред европратениците, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кажа дека со новиот план се отвора патот за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Ги поздравуваме напорите на Европската комисија за подобрување на пристапниот процес. Новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамизам, предвидливост и кредибилитет на процесот. Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите заедно во усовршен процес. Ние, во регионот, немаме од што да се плашиме од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за тие кои одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање на здрава реформска конкуренција во нашиот регион“, вели Димитров во соопштението на МНР.
Наредниот состанок на Европскиот совет, кој решава за отворање пристапни преговори, ќе се одржи на 26-27 март во Брисел.