ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на претседателот Стево Пендаровски на местото на професорката Иванка Василевска (порано Додовска) за член на собранискиот Национален совет за евроинтеграции да се изгласа Александар Спасов, доцент од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„Ние ќе го поддржиме предлогот на претседателот, Александар Спасов да биде избран за член на Националниот совет за евроинтеграции. Но должен сум да забележам дека и покрај заложбата на Пендаровски дека ќе соработува со опозицијата, тој со нас не се консултираше за предлогот, а кандидира башка и советник на премиерот Зоран Заев. Професорката Додовска, која беше номинирана од експретседателот Ѓорге Иванов, педантно и одговорно ја извршуваше функцијата“, рече Димовски.
Василевска, која е членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од април 2018, за членка во ова собраниско тело беше предложена од поранешниот претседател Ѓорге Иванов во август 2017. На оваа функција беше именува 4 месеци по организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, за кој таа кажа дека бил „најмирољубив насилен влез“.
„Ова е најмирољубивиот насилен влез од страна на граѓани во историјата“, рече Василевска во директниот пренос на ТВ Нова додека траеше нападот на Собранието. ТВ Нова, чиј сопственик беше сега осудениот бизнисмен во случај на СЈО Сеад Кочан, во меѓувреме се затвори.
Претседателот Стево Пендаровски на 19 јуни побара разрешување на Василевска од Советот и го предложи Спасов. Спасов е ангажиран како надворешен соработник за креирање на јавни политики на премиерот Зоран Заев.
- ПЕНДАРОВСКИ ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ИВАНКА ВАСИЛЕВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ ОД НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ
- ИВАНКА ВАСИЛЕВСКА ОД ВМРО-ДПМНЕ СЀ УШТЕ Е ПРЕТСТАВНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВО НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ ВО СОБРАНИЕТО
С. К. ДЕЛЕВСКА