ДИРЕКТОРОТ НА „ДРИСЛА“ ГОРАН АНГЕЛОВ УВЕЗУВАЛ ОПАСЕН ОТПАД ВО БУГАРИЈА ОД ИТАЛИЈА

    ДИРЕКТОРОТ НА „ДРИСЛА“ ГОРАН АНГЕЛОВ УВЕЗУВАЛ ОПАСЕН ОТПАД ВО БУГАРИЈА ОД ИТАЛИЈАДиректорот на „Дрисла“ Горан Ангелов (прв од десно), градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и управителот на бугарската фирма кој е дел од структрурата на „Дрисла“ Блаже Игњатовски на депонијата на 25 април 2018 година при поставувањето на филтри на печката за медицински отпад. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Директорот на депонијата „Дрисла“ Горан Ангелов преку негова фирма во Бугарија „Блацион“ ООД извршил увоз на 25 контејнери опасен отпад од Италија, пишуваат бугарските медиуми. Ангелов е директор на депонијата „Дрисла“ назначен од италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, а оваа функција ја вршеше и кога депонијата беше под надлежност на Град Скопје во мандатот на ексградоначалникот Коце Трајановски. Ангелов беше еден од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се пријавија на конвенцијата за избор на кандидат на партијата за претседателските избори кои се одржаа лани во мај.

    Бугарското Обвинителство веќе отворило истрага за незаконскиот увоз на отпадот од Италија на компанијата „Блацион“ ООД во која управител е Блаже Игњатовски, кој исто така е претставник во Собир на содружници на депонијата „Дрисла“. Ангелов, пак, поседува 15 отсто од сопственоста на бугарската фирма.

    Новинарите од Бугарија кои беа на местото каде се наоѓаа отпадот јавуваат дека во негова близина се чувствува непријатна и остра миризба која предизвикува печење на очите. (Фото: бтновините/принтскрин)

    Отпадот стигнал со брод на пристаништето во Бургас на 5 септември 2019 година, а бил откриен во градот Луковит. Испраќач на отпадот е италијанската компании „Дентиче Пантелоне“, што е основана во 1984 година и е специјализирана за рециклирање и повторна употреба на отпад, депонирање на тврд индустриски отпад и преработка на пластмаса.

    Од Обвинителството на Бугарија соопштија дека отпадот се разликува од она што е декларирано во царинскиот документ. Новинарите од Бугарија кои беа на местото каде се наоѓа отпадот, јавуваат дека во негова близина се чувствува непријатна и остра миризба која предизвикува печење на очите.

    Директорот на „Дрисла“ Ангелов денеска беше недостапен на неговиот мобилен телефон да одговори на прашањата на САКАМДАКЖАМ.МК во вмешаноста во трговија со опасен отпад и да каже дали преку неговата бугарска фирма опасен отпад се носел и во „Дрисла“. Ангелов вчера за државната агенција МИА изјави дека не е вистина она што се наведува во бугарските медиуми и негираше дека како директор на „Дрисла“ соработува со бугарската компанија каде е дел од сопственичката структура.

    Управителот на „Блацион“ ООД Блаже Игњатовски, пак, за МИА изјави дека отпадот од пристаништето во Бургас требало да биде пренесен во Термоцентралата „Бобов Дол“, но откако пристигнал отпадот, на бугарската ТЕЦ и истекла лиценцата за горење на отпад. Според Игњатовски, станувало збор за пластика и гуми и оти тоа што е пронајдено – текстил, дрво, стакло, како што посочиле од бугарското Обвинителство, е дозволено, а тоа ќе го докажеле и експертите откако ќе го испитаат отпадот.

    „Дрисла“ сè уште е во сопственост на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, иако Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов на 17 јули 2019 донесе одлука таа да се врати во сопственост на Градот. Но, проблемот настана откако Централниот регистар не сакаше да ја впише „Дрисла“ во сопственост на Градот, бидејќи законот не предвидувал приватно друштво да се преобрази во јавно претпријатие. Потоа, во Собранието пратеници од СДСМ поднесоа иницијатива за измени на Законот за јавни претпријатија со кои се овозможува трансформација од приватно во јавно претпријатие. Измените беа усвоени на 28 декември 2019 година, но иако оттогаш поминаа 20 дена, Град Скопје сè уште чека Централниот регистар да ја впише депонијата во владение на Градот.

    На 10 јануари годинава Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, постапувајќи по допрен глас за незаконско согорување медицински отпад во депонијата „Дрисла“, утврди дека нема место за јавнообвинителска интервенција, односно дека депонијата не загадува значително за да се гони кривично.

     

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира