Директорот на „Електрани на Македонија“ Христијан Мицкоски им честитал на своите колеги од РЕК Битола кои на тендерот за услуги од градежна механизација ја избрале компанијата на Сеад Кочан „Трансмет“ и не потпаднале под мислењето на јавноста, иако компанијата има блокирани сметки од судот на барање на СЈО.
Мицкоски денес изјави дека изборот на „ Трансмет“ е храбра одлука што менаџерите од РЕК Битола ја донеле за да не се наруши ископувањето на јаглен и произвдството на електрична енергија.
„Ако вие се доведете до ситуација да бидете под влијание на перцепцијата на јавното мислење, во конкретниот случај за ‘Трансмет’, можете да останете без таа помошна механизација за работа. Без механизација, вие драматично ја намалувате динамиката на ископ на јаглен, што пак повлекува проблем со производство на електрична енергија. Треба да најдете компромис. Добро, ќе нè критикуваат, како и што нè критикуваа. Но јас ја поздравив одлуката на раководството на РЕК Битола, бидејќи носењето на таква паметна одлука, да не се исклучи компанија, бидјеќи истата можела да го поништи тендерот и да ја доведе во опасност динамиката на ископ на јаглен, ја оправдав и безмалку им честитав за храбрата одлука“, рече Мицкоски.
„Трансмет’ е носител на набавката во која ЕЛЕМ бара услуга од градежна механизација, односно булдожери, камиони, цистерни и дигалки, со вкупната вредност на договорот од 155 милиони денари или 2,5 милиони евра. Покрај „Трансмет“, што со тендерот ќе заработи 9,4 милиони денари, има уште четири други фирми.
Од ЕЛЕМ тврдат дека целата постапка за огласот почнала во 2016 година и завршила во јануари оваа година. Договорот трае една година, со важност од април 2017 и треба да заврши во април следната година. „Трансмет“ до сега не бил вклучен и не му се исплатени пари. Како и на сите изведувачи, исплатата ќе биде по завршената работа, со тоа што не мора да му биде исплатена целата сума од договорот, туку по агажман.
Во феврури оваа година СЈО отвори истрага против правните лица Трансмет, Силекс Неметали и ВАТО од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на ЕЛЕМ. Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Тендерот се однесуваше за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.
На газдата Сеад Кочан, кој два месеца беше избеган, Врховниот суд му го укина притворот. На повтореното одлушување во Кривичниот суд предминатиот понеделник, судија на претходна постапка на Кочан му побара гаранција од речиси 900.000 евра за да се брани од слобода и му го одзеде пасошот. Барањето на СЈО за притвор не беше прифатено, поради влошена здравствена состојба на осомничениот, кој откако му беше укинат притворот се јавил за интервенција на државната клиника за кардиологија во Скопје.