ДИРЕКТОРОТ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ХАРИ КОСТОВ СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА СО ТОА ШТО УБК МУ ГИ СЛУШАЛА РАЗГОВОРИТЕ, ШТЕТА ТРПЕЛЕ КОМПАНИИТЕ КОИ БАРАЛЕ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ ЗА УЧЕСТВО НА ТЕНДЕРИ

    ДИРЕКТОРОТ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ХАРИ КОСТОВ СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА СО ТОА ШТО УБК МУ ГИ СЛУШАЛА РАЗГОВОРИТЕ, ШТЕТА ТРПЕЛЕ КОМПАНИИТЕ КОИ БАРАЛЕ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ ЗА УЧЕСТВО НА ТЕНДЕРИГордана Јанкулоска, која не е обвинета за незаконското прислушување туку во делот од злосторничкото здружување за уништување на трите система со кои се вршело прислушувањето, за да се скријат трагите, беше спроведена од затворот „Идризово“. (Фото:СДК.МК)

    Хари Костов, извршен директор на ,,Комерцијална Банка АД Скопје”, денеска во сведочењето во основниот предмет на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување од 2008 до 2015 година што го вршел режимот на претходната власт предводена од Никола Груевски преку УБК и Петтата управа во МВР, укажа какви штети можно е да претрпеле компаниите со кои соработувала банката додека тајната полиција му ги слушала разговорите.

    Експремиерот Костов, како што пренесе МИА, нема да бара оштета за незаконското прислушување на неговите телефонски броеви, ако штетата треба да ја плати државатa. Но, ако се утврди налогодавачот на ова прислушување, ќе бара оштета и ќе ја донира во хуманитарни цели.

    „Лично не се чувствувам оштетен, но институцијата каде што работам можеби претрпела штета. Дел од прислушуваните разговори се однесуваат на моите разговори со директорите на банката кога сум бил надвор од државата, и кога побарале од мене гаранции за лицитација за некои градежни компани. Тој што ги прислушувал разговорите можел информациите што ги слушал да ги даде на некоја конкурентска компанија. Таквите прислушкувани разговори можеле да направат штети кај фирмата која барала гаранција од нас“, рече сведокот Костов.

    И сопственикот на Компанијата ,,Еуроактива”, Нухи Алиу, даде исказ како оштетен, кој наведе дека претрпената штета е над 10 милиони евра.

    „Во 2012 година бев дел од монтиран процес против мојата фирма, кој е квалификуван како тенденциозен, со намера да ми наштетат. Сомнението произлезе од начинот на кој беше спроведена контролата, со хермелини и полицајци со автоматски пушки. Во СЈО за овој случај сум давал изјава три часа. Мојата штета е огромна и не може да се плати со пари“, рече сведокот Алиу.

    На пултот за сведоци денеска застана и ексразузнавачот Слободан Богоевски. Во периодот додека траело прислушувањето, од 2008 до 2015 година, работел во приватна фирма како консултант. До СЈО рече поднел  барање за добивање информација дали бил прислушуван.

    „Од вработени во УБК бев предупреден дека моите комуникации се следат, а и дека сум бил и физички следен. Како изминуваше времето, се повеќе добивав информации од вработени во УБК да пазам што зборам и со кого се сретнувам. Од 2009 година добив информации дека незаконски се барале посебни истражни мерки против мене“, рече поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски.

    Тој рече дека него го  “лепеле” за разни случаи, само за да траат посебните истражни мерки.

    „Овие незаконски следени комуникации беа полициски искористени за да се монтира случај против мене и уште неколку други лица каде единствен доказ е дека јас сум се познавал со двајца адвокати. Во сите случаи на УБК и БЈБ е прекршен законот, со снимање на спектакуларни апсења, со лажни сведоци, со незаконски прислушкувани разговори. Со овие постапки се кршел Уставот и Законот од страна на УБК каде шеф бил Сашо Мијалков, министер Гордана Јанкулоска и нивни блиски“, потенцираше Богоевски.

    Рече дека него му е предизвикана голема штета.

    „Незаконски бев во притвор осум месеци. И денес ги трпам последиците донесени од судот по наредба на Мијалков. За сите средби на Мијалков со сите обвинители и судии кои учествувале во овој предмет имам докази. Имам писмени искази заверени на нотар кои присуствувале на тие средби. Многу пресуди се правосилни како и мојата, но се базирани од нелегално прислушкувани разговори. Барам отштета за материјална штета од милион евра“, рече сведокот Богоевски.

    Во случајот „Тврдина-Таргет“, што го застапуваат обвинителите Ленче Ристоска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, обвинети се Сашо Мијалков, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и група вработени и началничка од УБК.

    Судењето со сослушување сведоци продолжува.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира