ДИРЕКТОРОТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР КОЈ Е ВО ПРИТВОР ЗА УРИВАЊЕ НА ХОТЕЛОТ „ШАР“, ДАДЕ ДОЗВОЛА И ЗА 17-КАТНИЦАТА ВО ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА

    ДИРЕКТОРОТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР КОЈ Е ВО ПРИТВОР ЗА УРИВАЊЕ НА ХОТЕЛОТ „ШАР“, ДАДЕ ДОЗВОЛА И ЗА 17-КАТНИЦАТА ВО ЗАШТИТЕНО ПОДРАЧЈЕ КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦАСАКАМДАКАЖАМ.МК објави дека Димитровски во ноември потпиша позитивно конзерваторско мислење за 17-катницата кај сегашната ГОБ „8 Септември“ иако оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на  Конзерваторски центар Скопје Константин Димитровски, кој беше приведен како осомничен за дивјачко уништување на културно наследство во Стара скопска чаршија, даде позитивно мислење и за изградба на зградата од 17 ката во заштитено подрачје кај Воена болница. Димитровски од вчера е во домашен притвор за уривањето на хотелот „Шар Ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство.

    Како што велат од Кривичниот суд, судија на претходна постапка ноќеска одредил 6 притвори, 4 куќни притвори и на двајца од осомничените им се одредени мерки за обезбедување на присуство. Димитровски е меѓу четворицата за кои е одреден домашен притвор. Првоосомничен е поранешниот претседател на Одбор на директори во АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор Скопје (ПУИГ) Мујо Љ., а меѓу соучесниците во злосторничкото здружение покрај Димитровски се и поранешниот директор на Конзерваторски центар Скопје Коле Ч., како и поранешниот директор на Управа за заштита на културно наследство Аријан А. и ексзаменик-генералниот директор на Агенцијата за катастар на недвижности А.У..

    Како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, Димитровски во ноември потпиша позитивно конзерваторско мислење за изградба на 17- катница кај Градската општа болница „8 Септември“ иако оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Исто така, во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат.

    Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за силите на НАТО во Косово со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    Но, и покрај сите овие законски одредби сепак минатиот месец беше издадено позитивно конзерваторски мислење. Димитровски тогаш не сакаше да одговори на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК врз основа на што потпишал позитивно мислење со оглед на тоа дека се работи за заштитена зона, во кој се предвидува огромна зграда со 420 станови и плус деловен простор, 2.000 жители и најмалку 1.000 возила.

    Издадено е позитивно мислење врз основа на агрументи. Кои се аргументите во моментов не можам да ви кажам, на состанок сум. Бидејќи велите дека станува збор за јавен документ, земете го од Општина Карпош како што го земавте документот со имињата на членови на Комисијата за урбанизам и видете кои се аргументите“, ни одговори тогаш директорот Димитровски.

    Димитровски исто така е член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош која го одобрува урбанистичкиот проект за изградба на зградата. Тој зема паричен надоместок од Општина Карпош како член на Комисијата. и тој веќе дал одобрение за урбанистичкиот проект за 17-катницата среде болнички комплекс.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира